📽️ ПРИВАТНИОТ АВИОН НА ПОЗНАТИОТ АКТЕР И ПЕЈАЧ ИЗЛЕТАЛ ОД ПИСТАТА „Пилотите ни ги спасија животите, Господ е добар“

Дони Волберг и уште седум лица биле во приватен авион кој не успеал да полета и удрил во заштитна ограда на аеродромот во Лас Вегас. Никој не бил повреден, а актерот емотивно им се заблагодарил на пилотите кои, според него, спречиле поголема трагедија.

93

Американскиот актер и пејач Дони Волберг (57), познат по улогата во серијата „Блу бладс“ и како член на групата „Њу кидс он д блок“, доживеал драматични моменти откако приватниот авион во кој се наоѓал излетал од пистата при обид за полетување од Лас Вегас.

Инцидентот се случил во неделата, на 18 октомври, на меѓународниот аеродром „Хари Рид“. Авионот не успеал да се одвои од земјата, продолжил да се движи надвор од пистата и на крајот удрил во заштитната ограда на аеродромот. Во леталото имало осум лица, но за среќа, никој не бил повреден.






Набргу по несреќата, Волберг се огласи на Инстаграм и во видео, видно потресен од случувањето, раскажа што се случило. Тој им се заблагодари на пилотите, убеден дека нивната присебност спречила многу потежок исход.

Авионот не успеа да се одвои од земјата и ни снема писта

– Сите сме добро. И јас сум добро. Се обидовме да полетаме, но авионот не успеа да се одвои од земјата и ни снема писта – раскажа актерот.

Тој објасни дека пилотите успеале да избегнат неколку пречки пред авионот да удри во оградата. Според неговите зборови, леталото поминало покрај камион, контејнери и тешка градежна опрема што се наоѓала во близина.

– Само ќе ви кажам дека тие пилоти ни ги спасија животите. А Бог нè заштити – вели Волберг, едвај задржувајќи ги солзите додека зборува за благодарноста што сите преживеале без повреди.

Властите во САД потврдиле дека станува збор за приватен авион „Дасо фалкон 50“, кој требало да лета од Лас Вегас кон Торонто. По неуспешниот обид за полетување, пилотите го прекинале маневрот, но леталото не успеало да запре во рамките на пистата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by DONNIE WAHLBERG (@donniewahlberg)

Аеродромот привремено прекинал дел од воздушниот сообраќај за да се провери пистата, а Федералната управа за воздухопловство на САД (ФАА) отворила истрага. Причината за неуспешното полетување засега не е позната.

Волберг објаснил дека видеото првично го снимил за семејството и пријателите, за да ги увери дека е добро. Откако почнал да добива голем број загрижени пораки, решил јавно да го објави.

– Тоа беа неколку многу интензивни моменти што ни се чинеше дека траат како неколку долги минути – напиша тој, заблагодарувајќи им се и на пилотите и на службите за итни интервенции.

– Авионот претрпе штета, но ние не – порача актерот.

Меѓу оние што реагираа на неговата објава беше и неговата сопруга, Џени Мекарти, која изрази благодарност што сè завршило без повредени. Поддршка му упатија и бројни познати пријатели.

Само неколку часа претходно настапувал во Лас Вегас

Несреќата се случила по серијата концерти на групата „Њу кидс он д блок“ во Лас Вегас. Волберг претходната вечер настапувал со колегите Дени Вуд, Џои Мекинтајр и браќата Џонатан и Џордан Најт. Групата одржала вкупно 40 концерти во рамките на програмата „The Right Stuff“.

Покрај музичката кариера, Волберг е познат и по актерската работа. Со години го толкуваше детективот Дени Реган во популарната полициска серија „Блу бладс“, а глумел и во филмовите „Шестото сетило“ и „Пила“.

Иако инцидентот завршил без повредени, актерот не криеше колку бил потресен. Неговата порака беше пред сè израз на благодарност кон пилотите, за кои верува дека со својата присебност спречиле трагедија.

 

Поврзани содржини