ТРЕТИОТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ ЈА КОРИСТИ МРЕЖАТА „СТАРЛИНК“ Николоски очекува „4иГ“ да биде многу поконкурентен со цените на услугите

Сега, од она што го знам, изнајмуваат базни станици, а кога ќе заврши тестирањето одат директно на „Старлинк“, односно на сателитите на Илон Маск, што ќе се согласите, е скок за Македонија во оваа голема трка во технологијата – рече министерот за транспорт и врски.

148

Новиот мобилен оператор во Македонија ќе ја користи сателитската мрежа „Старлинк“ (Starlink) на милијардерот Илон Маск – соопшти министерот Александар Николоски во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.

На прашањето дали телекомуникациската компанија „4иГ“ гради своја 5Г-мрежа, Николоски рече дека тие веќе објавиле стратегиска соработка и дека Македонија ќе биде меѓу првите земји во кои оваа технологија ќе се имплементира директно.






На дополнително прашање – дали постои ризик Маск да го прекине пристапот како во Украина, министерот рече дека станува збор за чисто комерцијален договор.

– Веќе објавија соработка со „Старлинк“ на Илон Маск и надвор од Украина, Македонија и Црна Гора ќе бидат првите држави каде што „Старлинк“ ќе се користи директно, така што мобилната мрежа ќе оди на „Старлинк“ и секако интернет-мрежата. Сега, од она што го знам, изнајмуваат базни станици, а кога ќе заврши тестирањето одат директно на „Старлинк“, односно на сателитите на Илон Маск, што ќе се согласите, е скок за Македонија во оваа голема трка во технологијата. Затоа, не мислам дека во комерцијалниот дел тоа што прашувате би го направил. Таму, објасни мислам и секретарот Рубио, се работи за државен воен дел, а комерцијалниот дел е нешто сосема друго – рече министерот Николоски.

Прашан дали најавените проверки од унгарската влада влијаат на инвестициските планови на „4иГ“ кај нас, Николоски посочи дека операторот има рок до март 2027 година да покрие најмалку еден град и дека го одбрале токму Скопје, што ја докажува нивната сериозност. Тој уште еднаш повтори дека очекува намалување на цените.

– Мислам дека драстично ќе одат надолу, од она што имам како информација, многу, многу ќе бидат поевтини од двата постојни оператори. Јас во една пригода им кажав уште кога разговаравме за трет мобилен оператор, дали во Македонија ќе има или ќе нема трет мобилен оператор зависи од постојните два оператори. За нивна жал, а се надевам за среќа на пазарот, тие оставија голем простор за трет мобилен оператор – рече министерот Николоски.

Поврзани содржини