СДСМ СИ ПРАВИ ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА ПО ПОРАЗОТ ВО БРВЕНИЦА Според партијата, поддршката ѝ пораснала за 46%

Од СДСМ наведуваат дека во 2025 година нивниот кандидат за градоначалник освоил 481 глас, додека на денешните избори кандидатот Јовица Радески добил 706 гласа. Тоа се 225 гласа повеќе, односно раст од приближно 46,8%.

141

И покрај убедливиот пораз на својот кандидат на вчерашните избори во Брвеница, СДСМ оценува дека резултатите покажуваат раст на поддршката за опозициската партија и намалување на довербата во ВМРО-ДПМНЕ.

Аналитичкиот центар на СДСМ ги споредил резултатите со изборите во 2025 година и утврдил дека нивниот кандидат освоил приближно 46,8% повеќе гласови.






Кандидатот на СДСМ, Јовица Радески, добил 706 гласа, наспроти 481 глас што кандидатот на партијата ги освоил на претходните избори. Разликата изнесува 225 гласа.

„Резултатите во Брвеница го потврдуваат трендот дека поддршката за ВМРО се намалува, а довербата во СДСМ расте“, оценуваат од опозициската партија.

Според анализата на СДСМ, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, освоил 2.944 гласа, додека на изборите во 2025 година кандидатот на партијата добил 3.388 гласа.

Тоа претставува намалување од 444 гласа, односно приближно 13,1% во споредба со претходните избори.

Од СДСМ сметаат дека намалувањето е уште позначајно ако се земе предвид поддршката што Радичевски ја добил од други политички партии.

„Падот на ВМРО е уште поголем, над 20%, ако се има предвид дека и ЗНАМ и Левица го поддржаа кандидатот на ВМРО“, соопштија од СДСМ.

Во доставената анализа, сепак, не е наведена пресметка што би го потврдила дополнителниот пад од над 20%, поради што оваа оценка останува партиско тврдење.

Толкувањето на СДСМ доаѓа по изјавата на претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој прогласи победа на ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека разликата меѓу кандидатите е поголема од четири спрема еден.

Според наведените резултати, кандидатот Радичевски на ВМРО-ДПМНЕ освоил 2.238 гласа повеќе од Радески, односно околу 4,17 пати повеќе гласови.

Поврзани содржини