ОД НОЕМВРИ НОВИ ПЛАТНИ НАЛОЗИ, ИБАН-ФОРМАТ НА СМЕТКА И НОВА ОЗНАКА ЗА ЦЕЛ НА ПЛАЌАЊЕ Стапуваат на сила новите стандарди во платниот промет

Македонската банкарска асоцијација (МБА) појаснуваат дека граѓаните и компаниите нема да ги менуваат своите банкарски сметки, бидејќи нивните постојни броеви остануваат непроменети, а приспособувањето на електронското и мобилното банкарство ќе го направат самите банки.

76

Од ноември стапуваат на сила новите стандарди во платниот промет. Тие предвидуваат промена на платните налози, се воведуваат нови ознаки за целта на плаќањето, а платежните сметки ќе се користат во меѓународниот ИБАН-формат.

Македонската банкарска асоцијација (МБА) појаснуваат дека граѓаните и компаниите нема да ги менуваат своите банкарски сметки, бидејќи нивните постојни броеви остануваат непроменети, а приспособувањето на електронското и мобилното банкарство ќе го направат самите банки.






Според новите стандарди при плаќање, платежната сметка ќе се користи во ИБАН – формат, односно со додавање на ознаката МК07 пред постојниот број на сметката.

Ќе се применуваат и нови, стандардизирани платни налози, кои ќе ги заменат досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53. Новите обрасци ќе се користат и во хартиена и во електронска форма.

Промена има и кај ознаките за целта на плаќањето. Досегашните нумерички шифри ќе бидат заменети со нови четиризнаковни ознаки, со што ќе се овозможи попрецизно наведување на намената на плаќањето и подобра обработка на податоците.

Компаниите кои користат автоматизирана размена на налози, сметководствени и или други интегрирани решенија, кај кои може да бидат потребни соодветни приспособувања, ќе бидат информирани од страна на банките, согласно законските рокови и насоките од регулаторот.

Промените се дел од процесот на понатамошно стандардизирање и модернизирање на националниот платен промет, подобрување на квалитетот и структурираноста на податоците и создавање услови за поефикасна обработка на платежните трансакции.

Банкарскиот сектор во изминатиот период презема активности за техничко и организациско усогласување со новите стандарди, со цел нивната примена да се одвива непречено и без прекини за корисниците на платежни услуги.

-Граѓаните и компаниите навремено да ги следат известувањата и практичните упатства што ќе ги објавуваат нивните банки во однос на новите платни налози, користењето на ИБАН и другите промени поврзани со примената на новите стандарди –велат од МБА.

Поврзани содржини