ЗЕМЈОДЕЛКА ОД БУДИНАРЦИ МЕЃУ 100 ЖЕНИ ФАРМЕРКИ НА ФАО Валентина Пармачка е една од иницијаторките за воведување породилно за земјоделките во Македонија

На 15 октомври, Пармчка доби признание во седиштето на ФАО во Рим, во рамки на Светскиот форум за храна, за нејзиниот придонес во земјоделството и застапувањето за правата на руралните жени.

76

Вангелина Пармачка, земјоделка од беровското село Будинарци, e избрана меѓу 100 жени од целиот свет во иницијативата на ФАО „100 жени херои во агро-прехранбените системи и руралниот развој”, соопшти Агенцијата за храна на ОН.

На 15 октомври, Пармчка доби признание во седиштето на ФАО во Рим, во рамки на Светскиот форум за храна, за нејзиниот придонес во земјоделството и застапувањето за правата на руралните жени.






Пармачка заедно со своето семејство управува со фарма со околу 600 овци и произведува традиционално овчо сирење.

-Ова е благодарна професија од која може чесно да се живее. Горда сум што сум земјоделка и што со заедничка работа ја обезбедуваме егзистенцијата на нашето семејство – објави ФАО дел од изјавата на Пармачка.

Покрај работата на семејната фарма, таа е членка на Управниот одбор и координаторка на Мрежата на жени фармери при Националната федерација на фармери (НФФ), каде што се залага за поголемо признавање на трудот на руралните жени, зајакнување на нивните права и подобрување на условите за работа и живот.

-Жените фармери се невидливи потпори на селото и државата. Нивниот труд мора да се препознае и вреднува – вели Пармачка.

Таа е една од жените фармерки која преку Националната федерација на фармери се избори за двете посебни мерки во Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство- инвестиции во земјоделските стопанства со кои управуваат жени и програма за поддршка на социјалната сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност со кои се регулира породилното отсуство за регистрираните жени фармери.

-Заедничката акција носи вистински промени и подобар економски и социјален статус за жените- изјави таа во Рим.

Иницијативата на ФАО се реализира во рамки на Меѓународната година на жената земјоделка 2026, прогласена од Обединетите нации, со цел да се истакне придонесот на жените во производството, преработката и трговијата со храна, како и во развојот на руралните заедници.

-Признанието за Пармачка ја истакнува улогата на земјоделките од Северна Македонија и нивниот придонес во производството на храна, развојот на семејните стопанства и застапувањето за подобри услови во земјоделството. Таа верува дека поголемата поддршка, еднаквите можности и подобрите услови можат да охрабрат повеќе жени да останат во земјоделството и да го развиваат својот потенцијал. Нејзиниот пат од Будинарци до Рим покажува дека работата на семејната фарма може да биде основа и за поширок општествен ангажман, кој придонесува за унапредување на положбата на жените во руралните средини – се наведува во соопштението на ФАО.

Од регионот на списокот од 100 жени- херои на ФАО се најдоа и Србинката Вера Шкулиќ и Словенката Наташа Медле.

Шкулиќ е земјоделска претприемачка, пчеларка, како и основач и претседателка на Здружението на жени земјоделски претприемачки на Србија, посветено на зајакнување на женското лидерство, претприемништвото и можностите во руралните заедници.

Словенката Наташа Медле е млада земјоделска претприемачка и наследничка на земјоделско стопанство од Село при Ратежу, Словенија. Таа развила високо диверзифицирано и одржливо земјоделско претпријатие, фокусирано на целогодишно производство на зеленчук, јагоди, украсни растенија, лековити и зачински билки, како и расад.

Поврзани содржини