📽️ СО ДЕЦЕНИИ ЗЛОСТАВУВАЛ СЛЕДБЕНИЧКИ НА СОПСТВЕНАТА СЕКТА Одлежа 17, доби уште 33 години затвор

Јунг Мјунг-сеок, кој веќе издржува 17-годишна затворска казна за сексуални злосторства, повторно е осуден за злоупотреба на следбеници. Јужнокорејскиот верски водач и претходно лежел во затвор за силување, а неговиот случај е обработен и во документарна серија на „Нетфликс“.

92

Јужнокорејскиот верски водач Јунг Мјунг-сеок, основач на сектата „Исус Утринска Ѕвезда“, сексуално злоставувал 16 свои следбенички, за што доби дополнителни 33 години затвор. Тој веќе издржува 17-годишна казна за други сексуални злосторства, а новата пресуда ќе почне да ја издржува по завршувањето на сегашната.

Јунг, за кого се проценува дека има нешто повеќе од 80 години, со децении е поврзуван со обвинувања за сексуално насилство врз припадници на неговата религиозна организација.






Во најновата судска постапка бил обвинет за сексуална злоупотреба на 16 следбеници. Делата опфатени со пресудата биле извршени најдоцна до 2022 година, пренесува Ројтерс.

Ова не е првпат верскиот водач да биде осуден за сексуални злосторства. Тој претходно издржувал затворска казна за силување, по што бил ослободен во 2008 година.

Но, по излегувањето од затвор, повторно извршувал сексуални напади. За тие злосторства веќе му била изречена казната од 17 години затвор, која моментално ја издржува.

Новата пресуда значи дека Јунг ќе остане зад решетки уште 33 години по истекот на сегашната казна.

Службеник на судот во Даеџон потврдил дека двете казни нема да се издржуваат истовремено.

Во истиот судски процес бил осуден и друг функционер на сектата. Тој добил седум години затвор затоа што му помагал на Јунг во извршувањето на злосторствата.

Случајот привлече меѓународно внимание и поради документарната серија на „Нетфликс“, „Во името на Бога: Свето предавство“ (In the Name of God: A Holy Betrayal).

Во серијата се истражуваат обвинувањата за сериозни злосторства поврзани со четворица јужнокорејски религиозни водачи. Јунг е една од централните личности во документарецот.

Сектата „Исус Утринска Ѕвезда“ (Jesus Morning Star – JMS) е основана во Јужна Кореја во 1980-тите години. Нејзиниот водач Јунг Мјунг-сеок се претставувал како личност со посебна духовна мисија и привлекувал следбеници преку верски учења засновани на христијанството.

Организацијата со текот на времето го проширила своето влијание и надвор од Јужна Кореја, додека поранешни припадници почнале јавно да сведочат за манипулации, контрола и сексуални злоупотреби во рамките на движењето.

Случајот повторно го привлече вниманието на јавноста во 2023 година, по објавувањето на документарната серија „Во името на Бога: Свето предавство“ на „Нетфликс“.

Во неа поранешни следбенички сведочат за сексуално насилство и за начинот на кој Јунг го користел својот верски авторитет за да стекне доверба и контрола врз жртвите. Серијата предизвика силни реакции во Јужна Кореја и го отвори прашањето како религиозни организации можат со години да функционираат и покрај сериозните обвинувања против нивните водачи.

Поврзани содржини