ПОЛИЦИЈАТА ВЛЕЗЕ ВО 66 ЛОКАЛИ И КАЗИНА Алкохол се точел на малолетници, игри на среќа се приредувале нелегално

Во акцијата спроведена ноќта меѓу 17 и 18 октомври биле затекнати четири малолетници по полноќ, во два објекта се точел алкохол на малолетници, а инспекторите откриле и непријавени работници, неиздавање фискални сметки и други неправилности.

122

Малолетници затекнати по полноќ, точење алкохол на деца, незаконско приредување игри на среќа и непријавени работници се дел од неправилностите што ги откриле полициските и инспекциските служби при контролите во 66 угостителски објекти и казина низ земјава.

Акцијата била спроведена ноќта меѓу 17 и 18 октомври, под раководство на Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со секторите за внатрешни работи и надлежните инспекциски служби.






Во еден од контролираните објекти биле затекнати четири малолетни лица по полноќ, додека во два објекта било констатирано точење алкохол на малолетници. Во друг локал било откриено лице кое работело како обезбедување без лиценца и легитимација, а на една локација бил нарушен јавниот ред и мир. За прекршување на Законот за заштита од пушење биле изречени три глоби.

Полицијата привела едно лице кое одбило да се легитимира, како и тројца странски државјани поради нерегулиран престој во државата.

Контролите откриле и незаконско приредување игри на среќа во Кичево. При претрес на локација каде што се одвивала оваа дејност биле затекнати две лица, а биле одземени и предмети поврзани со случајот. По целосно документирање на настанот, најавена е соодветна пријава.

Посебен случај бил регистриран и во прилепскиот регион. На патот во близина на селото Мажучиште полицијата запрела возач кој управувал автомобил под дејство на алкохол. Алкотестот покажал дури 2,04 промили алкохол во крвта, по што лицето било лишено од слобода под сомнение за кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“, според член 297-а од Кривичниот законик.

Во рамките на акцијата, полициските службеници легитимирале 38 лица, извршиле преглед на 61 лице и едно патничко возило, а го утврдиле идентитетот на 31 лице.

Во контролите учествувале и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Инспекциските служби утврдиле и други неправилности: непријавени работници, работење без потребните одобренија, неиздавање фискални сметки, нерегистрирана дејност, промет во девизи, како и недостатоци во хигиенските услови и противпожарната заштита. За констатираните прекршоци биле преземени соодветни мерки и санкции.

Од МВР најавуваат дека засилените и координирани контроли во угостителските објекти и казината ќе продолжат, во соработка со надлежните институции, со цел откривање и санкционирање на незаконските дејствија и зголемување на безбедноста на граѓаните.

Поврзани содржини