НА ЗЕЛЕНСКИ НЕ МУ Е ГРИЖА ШТО ПУТИН ПОМАГА Трамп го брани Путин, Зеленски предупредува на „историска грешка“
Претсеателот на САД ја брани Русија поради испораките на евтин дизел и го обвинува украинскиот претседател Володимир Зеленски дека не сака да ја заврши војната. Зеленски, пак, предупредува дека приближувањето на Вашингтон кон Москва може да биде погубно за Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп во изјава ја брани Русија поради испораките на евтин дизел и го обвинува Володимир Зеленски дека не сака мир. Украинскиот претседател, пак, предупреди дека неговата земја нема да опстане доколку САД застанат на страната на Москва.
Нивните спротивставени позиции доаѓаат во време на сериозни несогласувања околу санкциите против Русија и американската воена поддршка за Киев.
Во објава на својата платформа „Трут соушал“, Трамп ја оправда одлуката да не потпише нов пакет санкции против Москва, иако мерките претходно добиле поддршка во американскиот Конгрес.
Тој тврди дека воведувањето дополнителни санкции би можело да ги наруши мировните преговори со Русија.
„Во процес сум на преговарање за мир во војната меѓу Русија и Украина и не сакам да направам ништо што на глупав начин би ја оддалечило Русија од преговарачката маса“, напиша Трамп.
Американскиот претседател уверува дека во разговорите се постигнува значителен напредок и дека санкциите може да ги потпише подоцна, кога ќе процени дека е вистинскиот момент.
Тој ја поврза својата одлука и со однесувањето на Москва на Блискиот Исток.
Според Трамп, Русија во моментов прави многу помалку отколку што би можела за да му помогне на Иран, а Вашингтон има интерес таквата состојба да продолжи.
Особено остри беа неговите обвинувања на сметка на Зеленски поради украинските напади врз руските нафтени капацитети.
Трамп тврди дека тие напади предизвикуваат нарушувања на светскиот пазар на дизел и им нанесуваат штета на американските земјоделци, сточари и компании.
„Русија сепак испраќа милиони барели дизел во светот по ниска цена“, наведе американскиот претседател.
Според него, украинскиот лидер е свесен за економските последици, но не сака да се откаже од нападите.
„На Зеленски не му е грижа“, порача Трамп.
Тој отиде и чекор понатаму, обвинувајќи го украинскиот претседател дека не е заинтересиран за завршување на војната.
„Тој не сака да ја заврши оваа војна, а веројатно никогаш и не сакал“, напиша Трамп.
Американскиот претседател оцени дека Украина пред 2 години можела да постигне поповолен мировен договор отколку денес.
Во објавата ја опиша земјата како разурната, со изгубени територии и огромни човечки загуби.
„САКАМ ОВАА ВОЈНА ДА ЗАВРШИ!“, порача Трамп на крајот од објавата.
Украина може да остане без американска поддршка
Во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си, Зеленски предупреди дека евентуалното американско застанување на страната на Русија би претставувало катастрофален пресврт за Украина.
– Ако овие 2 земји застанат заедно, ние нема да победиме и нема да можеме да опстанеме – изјави украинскиот претседател.
Тој ги критикуваше ограничувањата на сателитските комуникации преку системот „Старлинк“, кои, според него, ја нарушиле работата на украинските беспилотни летала.
Зеленски тврди дека одлуката за ограничување на системот дошла директно од Белата куќа.
Украинскиот претседател зборуваше и за ограничувањата на разузнавачката поддршка, за кои смета дека ја ослабнале способноста на Киев навремено да ги открива руските ракетни напади.
Според него, ваквите потези практично ја оставиле Украина без клучни информации за претстојните напади со балистички ракети.
Станува збор за 2 одделни прашања – пристапот до сателитските комуникации и размената на разузнавачки информации со американските партнери.
„Подобро искрен партнер отколку убиец што се насмевнува“
Зеленски се осврна и на претходната оценка на Трамп дека со украинскиот претседател е потешко да се соработува отколку со рускиот лидер Владимир Путин.
Тој одговори дека секогаш бил отворен и искрен во разговорите со американскиот претседател.
– Подобро е да имате партнери кои се многу отворени и јасни, отколку такви што се убијци, дури и ако на лицата им носат насмевка – изјави Зеленски.
Украинскиот претседател предупреди дека договор меѓу Трамп и Путин, постигнат на штета на Киев, само дополнително би ги охрабрил руските територијални амбиции.
Тој го оспори и аргументот дека приближувањето меѓу Вашингтон и Москва би донело значително намалување на цените на горивата во САД.
– Не ги знам сите причини поради кои претседателот Трамп склучува вакви договори – рече Зеленски.
Неговите предупредувања се однесуваат на можноста Вашингтон да постигне договор со Москва без гаранции за украинската безбедност.
Двете изјави не претставуваат директна размена на пораки. Интервјуто на Зеленски за Ен-Би-Си му претходело на најновото обраќање на Трамп на „Трут соушал“.