📷 ПРИСТИГНАА ПРВИТЕ ОД 3.300 НОВИ КОНТЕЈНЕРИ Ѓорѓиевски тврди дека се набавени по двојно пониска цена
Првата испорака веќе пристигна, а распоредувањето на контејнерите започнува веднаш. Градоначалникот најави дека новите камиони ќе бидат пуштени во работа следната недела и апелираше градежниот шут и кабастиот отпад да не се оставаат покрај контејнерите.
Градот Скопје ја доби првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, кои почнуваат да се распоредуваат низ градот, а новите камиони за собирање смет се очекува да бидат пуштени во работа следната недела. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека набавката треба да придонесе за поефикасно собирање на отпадот и почисти населби, а најави и построг однос кон граѓаните што неправилно го одлагаат отпадот.
Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски информира дека станува збор за, како што наведува, најголемата набавка на контејнери во историјата на Скопје.
– Денес пристигна првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, најголемата набавка на контејнери во историјата на Скопје! Нивното распоредување низ градот започнува уште денес – објави градоначалникот.
Со новите контејнери треба да се заменат скршените и дотраените, но и да се зголеми бројот на местата за одлагање отпад. Според Ѓорѓиевски, заедно со новите камиони, ова треба да создаде услови за побрзо и поефикасно собирање на сметот.
Градоначалникот посебно ја истакна цената на набавката, споредувајќи ја со цената што, како што тврди, ја плаќале неговите претходници.
– Особено важно е што истите контејнери, за кои моите претходници плаќале по 18.600 денари, ние ги набавуваме по двојно пониска цена. И тоа во време на глобален раст на цените – напиша Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека одговорното располагање со парите на граѓаните мора да биде приоритет.
– Вашите пари се заработени со труд и наша обврска е да ги трошиме чесно, разумно и одговорно -, порача градоначалникот.
Во рамките на активностите, обезбедени се и 60 контејнери за селектирање стакло. Нивната намена е стаклениот отпад да се собира одделно и да се насочува кон рециклирање, со што би се намалило количеството мешан отпад.
Ѓорѓиевски упати апел до граѓаните да ја чуваат новата опрема и правилно да го одлагаат отпадот. Посебно предупреди дека градежниот шут и кабастиот отпад не треба да се оставаат во контејнерите или покрај нив.
– На градежниот шут и кабастиот отпад не им е местото ниту во контејнерите ниту покрај нив – порача тој.
Според градоначалникот, ваквото однесување ја оштетува опремата, го отежнува собирањето на сметот и придонесува за создавање диви депонии во населбите.
– За ваквата неодговорност нема да има толеранција – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој порача дека почист град не може да се постигне само со нова опрема, туку е потребна и одговорност од граѓаните.
– Чекор по чекор, го менуваме ликот на Скопје. Новата опрема мора да се почувствува таму каде што е најважно – пред нашите домови, во нашите маала и на улиците по кои секојдневно се движиме. Скопје е нашиот дом. Да го направиме чист, уреден и повторно горд град – порача Ѓорѓиевски.