ВО ВРЕМЕТО НА СДСМ ЦЕНИТЕ БЕА 67% НАД ЕВРОПСКИОТ ПРОСЕК Денес се за 25% под европскиот просек

Премиерот вели и дека пред четири години инфлацијата во Македонија изнесувала околу 17%, наспроти нешто повеќе од 10% во Европа. Денес, според неговите пресметки, домашната инфлација е околу 2,57%, додека европската се движи меѓу 3% и 3,3%.

37

Инфлацијата во Македонија во третиот квартал од 2022 година била за 67% повисока од европскиот просек, додека во истиот период од 2026 година е за 25% пониска, вели премиерот Христијан Мицкоски во ТВ гостување.

Според него, оваа разлика покажува дека Владата денес многу подобро се справува со притисоците врз цените и врз животниот стандард отколку претходната власт на СДСМ, и покрај, како што рече, исклучително тешките глобални околности.






Мицкоски во гостувањето на телевизијата Алсат ги спореди податоците за инфлацијата во јули, август и во септември 2022 година со истиот период од годинава, нагласувајќи дека политичките оценки треба да се темелат врз статистички показатели.

– Дозволете ми да ви дадам одговор со бројки. Јас не зборувам на чувства, зборувам со бројки – рече премиерот.

Тој посочи дека во третиот квартал од 2022 година просечната инфлација во Македонија изнесувала околу 17%, додека европскиот просек бил нешто над 10%.

– Ако просекот во Европа е десет и нешто проценти, кај нас инфлацијата тогаш била околу 17%. Денеска инфлацијата во третиот квартал од 2026 година во Македонија е за 25% пониска од европскиот просек – изјави Мицкоски.

Според пресметката што ја изнесе, просечната инфлација во Македонија во јули, август и во септември годинава изнесувала приближно 2,57%, додека европскиот просек се движел меѓу 3% и 3,3%.

Премиерот оцени дека токму споредбата меѓу двата периода најдобро покажува како се менувала економската состојба.

– Јас сум политичар кој води политика врз основа на бројки. Бројките се дел од статистиката и врз основа на нив оценувате дали одите напред, стагнирате или назадувате – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека сегашните показатели се значително подобри од оние пред четири години, кога земјата се соочуваше со силни инфлациски и енергетски притисоци.

– Само сакам да кажам дека сега бројките се неколкукратно подобри од пред четири години – порача премиерот.

Мицкоски оцени дека и денес светот се соочува со сериозни економски и безбедносни предизвици, кои ги опиша како „невидлива трета светска војна“, но смета дека Македонија успева подобро да ги амортизира нивните последици.

Премиерот во интервјуто за Алсат М го коментираше барањето на опозицијата и конкретно на Венко Филипче за ветинг. Мицкоски посочи дека  тој нема никаков проблем со тоа барање, дури ако СДСМ сака ветингот нека се прошири на семејствата и ако треба нека се воведе полиграф.

Премиерот истакна дека претходно во време на власта на СДСМ и ДУИ тој и неговото смејство биле целосно проверени.

– Но тоа не е битно. Прво треба да дадеме одговор на едно прашање, зошто ако веруваа во ветинг, го сменија кривичниот законик со европско знаме и го избришаа членот 353? Зошто? Еве ако се толку големи европејци и чесни политичари зошто тоа го правеа? Јас само поставувам морална дилема.  Вие ќе излезете во јавноста, „ветинг”, убав збор „ветинг” и сега мислите ќе ги импресионирате граѓаните. Не.  Вие треба  да одговорите на едноставно прашање, зошто го изменивте кривичниот законик за да се политички амнестирате, ако верувавте во владеење на правото? И конечно треба да дадете одговор како се стекнува златна виза во Дубаи и дали влијаеше позитивно или негативно Д3 витаминот на јахтата во Паљури? Немам никаков проблем, но прво да дадеме одговор, како тинејџери стануваат сопственици на трговски центрите? Еве прво на тоа да дадеме одговор – потенцираше Мицкоски.

Поврзани содржини