ЛИЧНА КАРТА И ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА НА МОБИЛЕН ОД 28 ОКТОМВРИ Договор за роаминг со ЕУ е можен на почетокот на 2027 година
Новата апликација „м. Услуги“ ќе биде бесплатна и незадолжителна, а граѓаните ќе можат да ги имаат своите лични документи во електронска форма. Во врска со романигот, министерот за дигитална трансформација најави дека веќе е добиен предлог-договорот за роаминг со ЕУ и дека почнуваат преговори за постигнување целосен договор.
Апликацијата „м. Услуги“ е во завршна фаза и официјално ќе биде промовирана на 28 октомври. Граѓаните ќе можат бесплатно да ја преземат и да пристапат до своите лични документи, и без обврска да ја користат, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Новата апликација претставува прв чекор кон воведување дигитален паричник во Македонија, а според министерот, веќе се наоѓа во завршна фаза на тестирање.
– Ова е првиот чекор кон дигитален паричник. Бесплатна е за користење и за симнување. Не е задолжителна, не мора секој да ја симне, но ќе нуди низа погодности што граѓаните и досега требаше да ги користат како алатки и апликации – изјави Андоновски во Дневникот на Македонската телевизија.
Тој објасни дека апликацијата ќе овозможи едноставен пристап до личните податоци и документи преку мобилен телефон.
– Разговараме со „Гугл плеј“ и со „Епл“. Ќе биде достапна за сите корисници на мобилни уреди во Македонија. Со едноставно внесување на личните податоци, од „Услуги.мк“ ќе се повлечат податоците, а со внесување на бројот на личната карта ќе се повлече и личната карта. Целосно безбедна апликација – појасни Андоновски.
Министерот уверува дека апликацијата ќе биде лесна за користење и дека граѓаните сами ќе одлучуваат дали сакаат да ја инсталираат.
Со нејзиното воведување, личните документи ќе добијат и дигитална форма достапна преку мобилен телефон. Засега не е прецизирано во кои ситуации електронските документи ќе можат да се користат како замена за физичките.
Андоновски во интервјуто се осврна и на најавеното воведување роаминг по домашни цени за македонските граѓани во земјите од Европската Унија.
Тој соопшти дека Македонија веќе го добила предлог-текстот на договорот, кој е доставен до надлежните институции за разгледување.
– Го добивме предлог-текстот на договорот пред неколку дена. Веќе го споделивме со колегите од неколку министерства да дадат свое мислење и од овој момент официјално почнуваат преговорите врз основа на текстот – рече Андоновски.
Институциите имаат рок до крајот на неделата да ги достават своите забелешки, по што Македонија ќе ги испрати своите предлози до Европската комисија.
– Очекувам тоа да се интензивира во текот на есента и да го имаме договорот на почетокот на 2027 година – изјави министерот.
Договорот за роаминг сè уште не е постигнат, а неговото финализирање се очекува во наредните месеци.