EКС-ФУДБАЛЕР ТРГНУВА ПО ФОТЕЛЈАТА НА ИНФАНТИНО Влегол во светот на финансиите за да заврши во трка за ФИФА

Поранешниот швајцарски репрезентативец Рамон Вега влегува во трката за претседател на ФИФА. По фудбалската кариера се посветил на финансиите, а сега најавува реформи во светската фудбалска организација.

95

Поранешниот фудбалер на Тотенхем и швајцарски репрезентативец Рамон Вега (55) е првиот што најави дека ќе му се спротивстави на Џани Инфантино во трката за претседател на ФИФА.

Вега, кој играше како стопер, во кариерата настапуваше за Тотенхем, Селтик, Вотфорд, Каљари и други клубови. За репрезентацијата на Швајцарија одигра 23 натпревари.






По завршувањето на фудбалската кариера се префрлил во сосема поинаков свет – финансискиот сектор.

Неговата кандидатура доаѓа во чувствителен период за актуелниот претседател на ФИФА, кој се соочува со силни критики по планот за вклучување приватни инвеститори во натпреварувањата на светската фудбалска организација.

На планот особено остро реагираше УЕФА, а Вега сега се претставува како кандидат кој сака да го промени начинот на кој функционира ФИФА.

Се кандидирам за повторно да го обединам глобалното фудбалско семејство, да спроведам вистински и трајни реформи, да ја модернизирам ФИФА за 21 век, да ја вратам стабилноста и кредибилитетот и повторно да ја изградам довербата која итно му е потребна на нашиот спорт – изјави Вега.

Поранешниот швајцарски репрезентативец и претходно размислувал да тргне по најмоќната функција во светскиот фудбал.

Во 2015 година ја разгледувал можноста да се кандидира по суспензијата на тогашниот претседател Сеп Блатер.

Се кандидирам затоа што животот ме подготви да му служам на овој спорт – порача Вега во соопштението со кое ја објави кандидатурата.

Тој нагласи дека фудбалот не им припаѓа на претседателите, конфедерациите или администраторите.

Фудбалот е поголем од која било функција, од која било личност или од која било институција – порача Вега.

Тој оцени дека светскиот фудбал има потреба од итни промени, користејќи драматична споредба дека спортот во моментов е на апарати за одржување во живот и дека нема повеќе време за чекање.

Инфантино, пак, минатиот месец порача дека останува целосно посветен на водењето на ФИФА, и покрај повиците за негова оставка.

Поврзани содржини