САКАШЕ ДА ЈА ОТЦЕПИ КАТАЛОНИЈА, МОЖЕ ДА СЕ ВРАТИ НА СЛОБОДА По девет години падна клучната пречка за aпсење на Пуџдемон
Карлес Пуџдемон ја предводеше Каталонија во драматичниот обид за отцепување од Шпанија во 2017 година, а потоа побегна во Белгија за да избегне апсење. Девет години подоцна, одлука на Уставниот суд отвора пат налогот за негово апсење да биде укинат.
Каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон може да се врати во Шпанија како слободен човек, девет години откако ја предводеше Каталонија во неуспешниот обид за отцепување и побегна во Белгија.
Историска одлука на шпанскиот Уставен суд ја отстранува клучната правна пречка поради која налогот за негово апсење остануваше во сила.
Судот одлучи дека користењето јавни средства за финансирање на референдумот за независност од 2017 година не претставува лично збогатување. Токму таквото толкување досега овозможуваше Пуџдемон да остане надвор од опфатот на амнестијата.
Со одлуката се отвора пат судијата Пабло Љарена да го укине налогот за негово апсење. Сè уште не е познато кога тоа формално ќе се случи.
Референдумот што ја потресе Шпанија
Пуџдемон беше претседател на каталонската влада кога во 2017 година беше организиран референдумот за независност, кој шпанските власти го сметаа за незаконски. Потоа следуваше гласање за отцепување на економски моќниот регион од Шпанија.
Мадрид одговори со воведување директна управа врз Каталонија. Шпанското правосудство почна постапки против лидерите на сепаратистичкото движење, а Пуџдемон ја напушти земјата.
На 30 октомври 2017 година тој побегна во Белгија. Неговите поддржувачи тајно го префрлија во странство, а против него подоцна беа издадени национален и европски налог за апсење.
Дел од неговите соработници кои останаа во Шпанија добија затворски казни до 13 години. Подоцна владата на премиерот Педро Санчез ги помилува, но Пуџдемон не можеше да биде помилуван бидејќи никогаш не беше правосилно осуден.
Првичните обвиненија против него вклучуваа и бунт и поттикнување бунт. Обвинението за бунт подоцна беше отфрлено, а кривичното дело поттикнување бунт беше укинато во 2023 година. Остана спорот околу проневерата на јавни средства.
Шпанските судови сметаа дека парите потрошени за референдумот претставувале лична финансиска корист за сепаратистичките лидери, бидејќи за своите политички цели користеле јавни наместо сопствени средства. Поради тоа, Пуџдемон не беше опфатен со законот за амнестија донесен во 2024 година.
Го апсеа во Германија, им избега во Барселона
Годините во егзил не значеа дека Пуџдемон останал скриен во Белгија. Тој патуваше низ Европа, одржуваше говори и учествуваше на политички состаноци додека шпанските власти се обидуваа да го приведат.
На 25 март 2018 година беше уапсен во Германија. Германската полиција го приведе на автопатот А7 во Шлезвиг-Холштајн додека се враќаше од Скандинавија. Во притвор помина 13 дена, а потоа беше ослободен. Три години подоцна накратко беше приведен и на Сардинија.
Најнеобичната епизода, сепак, се случи во 2024 година.
Иако налогот за апсење сè уште важеше, Пуџдемон ненадејно се појави во центарот на Барселона. Опкружен со високи функционери од неговата партија „Заедно за Каталонија“, се движеше низ градот и ги поздравуваше насобраните поддржувачи.
Потоа одржа краток говор пред неколку илјади луѓе и исчезна. Полицијата организираше голема потрага, но не успеа да го фати и Пуџдемон повторно ја напушти Шпанија.
Уставниот суд на Шпанија ја отвора вратата
Пресвртот сега доаѓа од Уставниот суд. Интересно е што предметот за кој одлучуваше судот формално воопшто не се однесувал на Пуџдемон, туку на сепаратистичките политичари Жорди Туруљ и Долорс Баса.
Тие ја оспориле забраната за вршење јавна функција заснована врз тезата дека со трошењето јавни средства за референдумот оствариле лична корист. Уставниот суд ја отфрли таа правна конструкција, а одлуката непосредно го засега и случајот на Пуџдемон.
Судијата Љарена сега треба да го укине налогот за апсење, но точниот момент сè уште не е познат.
„Ел Паис“ не ја исклучува можноста одлуката да биде одложена доколку враќањето на Пуџдемон може да влијае врз изборната кампања пред предвремените избори на 29 ноември. Весникот наведува и дека делови од шпанското правосудство се незадоволни од помирливиот пристап на владата на Санчез кон каталонските сепаратисти.
Пуџдемон, кој сега има 63 години, би можел така да се врати во земјата од која побегна во 2017 година без над него да виси налог за апсење.
Политичката Каталонија што би ја затекнал, сепак, е поинаква. Неговата партија „Заедно за Каталонија“ во анкетите веќе е престигната од радикалната сепаратистичка и деснопопулистичка „Каталонска алијанса“.