НЕДОЗВОЛИВ НАПАД И ГРУБО КРШЕЊЕ НА МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО Радев за нападот со дронови во бугарските води
По состанокот на Советтот за безбедност Бугарија ги стави граничните единици и воената морнарица во зголемена борбена готовност долж целата крајбрежна линија.
Бугарскиот премиер Румен Радев свика вонреден безбедносен состанок на владиниот врв по инцидентот во кој два цивилни трговски брода беа погодени во економската зона на земјата во Црното Море. Шефот на бугарската влада нагласи дека се преземени сите неопходни мерки за заштита на територијалните води, со цел да се оневозможи каков било безбедносен ризик за крајбрежјето и за виталните трговски коридори од кои зависи снабдувањето на целиот регион.
Владата во Софија воспостави деноноќен мониторинг на сите пловни патишта, со засилен надзор врз оштетените пловни објекти што се наоѓаат на отворено море. Премиерот посочи дека институциите постапуваат со максимална претпазливост за да не се дозволи напуштени или оштетени бродови да навлезат кон брегот и да предизвикаат прекин на комерцијалната пловидба.
Според наредбите од премиерот, патролните катери на граничните единици и военоморските сили остануваат во состојба на зголемена готовност долж целата крајбрежна линија. Властите будно ја следат траекторијата на сите пловила на оддалеченост од седумдесет милји источно од Бјала, подготвени веднаш да интервенираат доколку некој брод се насочи кон бугарските територијални води.
– Ова е апсолутно недозволив напад и грубо погазување на меѓународното право и на морското дело. Одамна предупредувам дека доколку не се стави крај на воените дејствија, сериозно се загрозуваат цивилните поморски патишта, но ние нема да дозволиме бугарскиот брег да биде загрозен – изјави премиерот Радев.
Реакцијата на извршната власт во Софија е насочена и кон смирување на економските ризици, бидејќи секоја несигурност во Црното Море директно ги зголемува трошоците за транспорт на жито, енергенси и градежни материјали.
Рано изутринава два трговски брода беа погодени од дронови од засега непознато потекло, при што едниот брод потона, а бугарските спасувачки служби момраа да ги евакуираат морнарите.
Нападот се случи на околу 150 километри југоисточно од Варна, источно од ртот Свети Атанас кај градот Бјала, на околу 80 километри од брегот. Едниот од бродовите, натоварен со жито, пловел под знаме на Того, а вториот под знаме на Палау.
ДРОНОВИ НАПАДНАА ДВА БРОДА ВО БУГАРСКИТЕ ВОДИ Еден потона, од вториот спасени 18 морнари