СВЕТСКА БАНКА НУДИ ДВЕ СЦЕНАРИЈА ЗА ПОБРЗ РАЗВОЈ Мицкоски најавува дека со дата центри извозот ќе се мери во стотици милиони евра

Комбинираниот реформски пакет би можел да го зголеми просечниот годишен раст од 2,4 на 3,8% до 2050 година и да создаде 250.000 повеќе и подобро платени работни места до 2050 година.

63

Македонија остварила извонреден економски напредок по независноста, преминувајќи од статус на земја со понизок среден доход во земја со повисок среден доход за помалку од две децении. Сепак, во изминатите 17 години земјата останала на тоа плато, оценува Светска банка во најновиот извештај за растот и работните места.

Во извештајот, којшто беше презентиран денеска во Скопје, Светска банка оценува дека приближувањето кон доходовните нивоа на ЕУ е побавно отколку кај земјите од регионот, а без реформи се предвидува растот на БДП да забави на само 2,4% до 2050 година, далеку под годишниот раст потребен за целосна конвергенција со ЕУ во рамките на една генерација.






Сања Маџаревиќ Суистер, сениор економист во Светска банка при презентацијата на извештајот посочи дека тој на некој начин гледа наназад, но истовремено има и поглед кон иднината. Овој поглед наназад, додаде таа, е важен бидејќи ја става земјата во даден контекст, а тој контекст не е одличен, но покажува што е тоа што треба да се направи во рамките на глобалната слика.

Таа посочи дека подобрувањето на економската ситуација оди паралелно со намалувањето на стапката на сиромаштија, која е речиси намалена на една третина.

– Не велам дека треба да бидеме целосно задоволни со тоа, но денес тоа е задоволително и одлично достигнување. Земјата имаше урамнотежен раст и тоа е мошне важно. Некои од другите земји доживеаја брз раст, но потоа заборавија да им помогнат на ранливите категории луѓе – рече таа и додаде дека стапката на невработеност денес е околу 11%, додека пред 20 години се говорело за 35%.

Во извештајот се наведува дека сегашниот модел на раст, поттикнат од приватната потрошувачка и странските директни инвестиции (СДИ) со ниска додадена вредност и со висок увозен интензитет, при висока концентрација на извозот на мал број пазари и производи, ги достигнува своите граници.

Во сржта на проблемот, Светска банка лоцира три структурни слабости: стапица на ниска продуктивност и ниски инвестиции, нарушени пазари и слаба конкуренција, недоволно искористен, а сè помал и скап човечки капитал.

Сепак, од Светска банка велат дека и покрај овие предизвици, Македонија има значителни можности да го забрза растот на продуктивноста, да ја зајакне конкурентноста и да го зголеми животниот стандард.

Извештајот утврдува реформска агенда што може да ги промени сегашните трендови и да отклучи подинамичен, поотпорен и поинклузивен модел на раст, организиран околу три меѓусебно поврзани столба: зајакнување на економското управување и конкуренцијата, подобрување на ефикасноста на јавната потрошувачка, создавање еднакви услови и зајакнување на управувањето со државните претпријатија, како и поттикнување на технолошката интеграција, енергетската ефикасност и иновациите.

Доколку не се преземе ништо земјата ќе оди во стагнација, а доколку политичките фактори дејствуваат и преземат мерки земјата може да забележи побрз раст, повисоки плати и повеќе работни места.

– Комбинираниот реформски пакет би можел да го зголеми просечниот годишен раст од 2,4 на 3,8% до 2050 година и да создаде 250.000 повеќе и подобро платени работни места до 2050 година. Северна Македонија се наоѓа на крстосница. Потребните структурни реформи се добро познати. Сега се потребни политичка посветеност за нивно спроведување и институционален капацитет за реализација. Процесот на пристапување кон ЕУ е одлична можност за тој исчекор – велат од Светска банка.

Светска банка разгледува две сценарија – ако ништо не се преземе годишниот раст на БДП би забавил и до средината на векот Македонија би достигнала само 55% од просечниот доход во ЕУ и сè уште би била далеку од соседните држави.

Според второто сценарио, одржливите структурни промени би можеле да создадат просечен годишен раст од 3,8%.

– Прозорецот на можности се стеснува. Демографските притисоци се засилуваат секоја година. Намалувањето на конкурентноста во клучните извозни сектори напредува. Моделот на раст што ја доведе земјата до повисок среден доход го губи замавот. Процесот на пристапување кон ЕУ, иако е вистинска можност, не е замена за домашните реформи, тој ги засилува – порачува Светска банка.

Маџаревиќ Суистер порачува дека треба да бидеме свесни за влијанието на сите испреплетени процеси и да се сетиме на сè што е направено во изминатите две децении.

Како ризици за растот во земјава таа ги посочи сферите на енергетиката, фискалниот простор, демографијата, бизнис климата и додаде дека извештајот нагласува дека земјата поминала низ важна структурна трансформација во изминатите 20 години – преминала од примарното земјоделско производство кон услуги, производствена дејност со повисока додадена вредност, ИКТ секторот и професионалните услуги.

Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање за извештајот за раст и работни места на Светската банка, за кој рече дека е добра основа за понатамошни реформи што Владата треба да ги дозаврши, се осврна на инфраструктурните проекти што се реализираат, како што се експресните патишта, автопатските делници, железничкото поврзување, како и енергетски поставените цели и гасификацијата и оти со нивно завршување значително ќе се зајакне геостратешката положба на земјата.

Тоа, како што рече обезбедува повисок раст кој е видлив во изминатите 27 месеци, односно 8-9 квартали од избирањето на оваа Влада. Просечниот раст е над 3,5% на реална основа во услови кога кај нашиот најголем трговски партнер, Европската Унија или еврозоната, тој се движи помеѓу 1 и 1,2% и е трипати повисок од просечниот раст кај нашиот најголем трговски партнер. Исто така расте и извозот.

Навраќајќи се на 2006 и 2008 година, кога државата имала пет, пет и пол, па дури и шест проценти раст, но тогаш, посочи, растот насекаде бил толкав.

– Сакам да кажам дека во услови кога ги имаме најголемите предизвици во светот, во услови кога имаме две војни во соседството, кога ја имаме најголемата енергетска криза, не според македонската Влада, туку според Фатих Бирол, директорот на Светската енергетска агенција, во услови кога имаше итен состанок на Г7-земјите, бидејќи една од членките во 15% од пумпите немаше дизел-гориво, во услови кога постоеше можност да имаме забрана од една од членките на Г7 за извоз на дизел-гориво, ние сепак успеваме да обезбедиме стабилна цена, најниска во Европа, и тоа ни овозможи да ја консолидираме инфлацијата. Во јули 2,3 %, во август 2,6 %, во услови кога европскиот просек во јули е 2,9 %, а во август е 3,3 %. Сега најавија, Евростат објави прелиминарни процени за септември – 3,8 %. Нас нè убедуваа дека е увезена инфлацијата, е па можела и да не биде увезена инфлацијата – рече Мицкоски.

Одредена можност за високоплатени, квалитетни работни места, кои ќе придонесат позитивност во македонската економија, премиерот очекува државата да добие со изградба на дата центри за кои веќе има пет-шест заинтересирани инвеститори. Според Мицкоски, вештачката интелигенција и податочните центри се неминовен процес и смета дека државата ќе може да понуди услуга на потенцијалните инвеститори.

– Колку и да имаме ретроградни сили, кои ќе нè влечат назад, ние како Влада сме одлучни овој процес да го туркаме напред и ќе одиме до крај во негова реализација бидејќи тој е неповратен. Честопати јас во своите говори го кажувам тоа дека не е веќе наука на иднината, не е индустрија на иднината, туку тоа е индустрија на сегашноста. Во 2040 или 2050 ќе зборуваме за некои други уште понапредни технологии од оваа суперинтелигенција или вештачка интелигенција – рече Мицкоски.

Владата, нагласи, е фокусирана, работи на адаптација на одредени закони и од заинтересираните посериозни пет-шест инвеститори, половина ако се реализираат, веќе можеме да зборуваме за извоз на услуги што ќе се мерат во стотици милиони долари или стотици милиони евра.

Паралелно со овие процеси, тој информира дека Владата работи и на внатрешни реформи.

Поврзани содржини