САКАЛ ДА ГО УРНЕ АВИОНОТ ВРЗ АЕРОДРОМОТ ВО ТЕЛ АВИВ Копилотот Хамами го планирал нападот со месеци

Неговата намера била да ги добие сите потребни одобренија за слетување и само во последната фаза од пристапот да удри со „боингот“ во зграда или во авион на аеродромот.

161

 

Копилотот кој минатата недела го нападна капетанот на авионот на Флајдубаи со секира и се обиде да ја преземе контролата врз авионот имал намера да го сруши авионот на меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив, објавија израелските медиуми, повикувајќи се на информации од истрагата.






Според извештаите на израелските Канал 12 и Ynet, 29-годишниот омански државјанин Хамам ал-Хамами наводно им рекол на истражителите дека откако го отстранил капетанот, планирал да го продолжи летот како ништо да не се случило. Неговата намера била да ги добие сите потребни одобренија за слетување и само во последната фаза од пристапот да удри со „боингот“ во зграда или во авион на аеродромот. Ова би им оставило на израелските власти многу малку време да разберат што се случува и да реагираат.

Нападот го планирал од јуни

Истрагата, според истите извештаи, покажала дека Хамами не дејствувал импулсивно.

Во последните месеци, тој слетал на Бен Гурион неколку пати како член на екипажот, а за време на неговото пристигнување во јуни наводно детално го проучил аеродромот и почнал подготвки за нападот.

Првично планирал да го изврши нападот во јули, но го напуштил планот во последен момент бидејќи неговиот пријател бил меѓу членовите на екипажот. Решил да почека за следната можност.

Канал 13 објави уште еден детаљ од истрагата, дека Хамами им рекол на истражителите дека свесно барал работа во авиокомпанија што лета до Тел Авив и затоа го избрал Флајдубаи.

Израелските истражители сè уште не го испрашувале Хамами. Канал 12 наведува дека информациите му биле доставени на Израел од саудиски и од емиратски истражители, па деталите од неговата изјава сè уште не се официјално и независно потврдени.

Нападот се случи на 30 септември на патничкиот лет FZ1073 од Дубаи до Тел Авив.

Капетанот на авионот, Индиецот Смит Мачар, изјави дека копилотот побарал дозвола за молитва, па околу 5 минути потоа одеднаш го нападнал одзади. Хамами го удирал со секирата за итни случаи што била во пилотската кабина.

Тешко повредениот Мачар успеал да ја отвори вратата од пилотската кабина. Ова им овозможило на членовите на екипажот и на патниците да влезат и да го совладаат напаѓачот. Контролата врз авионот потоа ја презеле двајцата пилоти кои биле на летот како патници.

За време на борбата, авионот одеднаш почнал  да понира и за 30 секунди изгубил речиси 5 километри височина.

Авионот бил пренасочен кон Табук во Саудиска Арабија, каде што безбедно слетал. На авионот имало повеќе од 170 патници и членови на екипажот, повеќето од нив Израелци. Ниеден од патниците не е убиен.

Истрага за тероризам

Обединетите Арапски Емирати потоа официјално објавија дека го истражуваат нападот на Хамами како обид за терористички напад.

Главниот обвинител на Емиратите, Хамад Саиф Ал Шамси, изјави дека копилотот го нападнал капетанот со секира и се обидел да ја преземе контролата врз авионот, и дека истражителите ги анализираат околностите, мотивот, можните врски со други лица и дигиталните докази.

Ројтерс потврди од повеќе извори дека осомничениот е Хамам ал-Хамами, државјанин на Оман.

Се истражува како тој завршил во авионот за Тел Авив. Извори запознаени со истрагата велат дека претходно Оман Ер му забранил да лета од поради загриженост од неговите екстремистички ставови. После тоа бил ангажиран од Флајдубаи.

Ова го покрена прашањето за безбедносни пропусти и во Емиратите и во Израел. Имено, Оман нема дипломатски односи со Израел, а израелските власти однапред добиваат информации за членовите на екипажот на авионите што летаат кон земјата.

Се соочува со смртна казна

Хамами сега е во Обединетите Арапски Емирати, каде што се води истрага. Во неа учествуваат и претставници на други земји.

Ynet, повикувајќи се на висок функционер од Емиратите, објави дека Хамами би можел да се соочи со смртна казна по завршувањето на истрагата и судската постапка.

Во истрагата учествуваат и израелски експерти за разузнавање и воздухопловство.

По нападот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди преглед на безбедносните процедури за странските авиокомпании што летаат до Израел.

Истрагата сè уште треба да утврди дали Хамами дејствувал целосно независно и дали имал врски со некоја терористичка организација.

Оман не ја Флајдубаи информирал за радикалниот копилот

Властите на Оман не ја информирале авиокомпанијата Флајдубаи за радикалните ставови на пилотот.

Според њујоршкиот весник Волстрит џурнал додека работел за државната компанија „Оман ер“ од 2022 до 2025 година поради неговото однесување на социјалните мрежи Хамами бил следен од оманските власти, кои заклучиле дека покажувал „прекумерен интерес за радикалната идеологија“.

Потоа бил суспендиран од летање и упатен во програма за дерадикализација, но властите на Оман не ги споделиле таквите сознанија со „Флајдубаи“.

„Флајдубаи“, наводно, извршил проверка на кривичното досие на пилотот пред да го вработи, но не контактирал со Оман за да добие информации за неговото претходно работно искуство. Властите на Обединетите Арапски Емирати сега ги истражуваат вработените кои учествувале во процесот на вработување на пилотот.

Поврзани содржини