ТУРЦИЈА ПРЕДЛАГА ЗАЕДНИЧКА ПОЛИЦИЈА СО АЗЕРБЕЈЏАН, КАЗАКСТАН, КИРГИСТАН И СО УЗБЕКИСТАН Туркпол би била слична на Еуропол и Интерпол

Турскиот министер за внатрешни работи Мустафа Чифтчи вели дека заедничката полициска организација ќе има цел да ја зајакне заедничката борба против прекуграничниот криминал, криминалните мрежи од новата генерација и против нелегалната миграција.

103

Турскиот министер за внатрешни работи Мустафа Чифтчи предлага земјите членки на Организацијата на турски држави (ОТС) да формираат полициска организација ТУРКПОЛ, по аналогија на Интерпол и Европол, објави „Сабах“.

Турскиот весник истакнува дека Чифтчи го презентирал предлогот на средбата на министри за внатрешни работи на Организацијата на турски држави во Казахстан. Иницијативата има цел да ја зајакне заедничката борба против прекуграничниот криминал, криминалните мрежи од новата генерација и против нелегалната миграција.






Чифтчи посочи и дека платформата на полициски академии ТуркПап, што е формирана во ноември минатата година, веќе активно работи, а следниот клучен чекор е да биде формиран Совет за борба против криминалот.

– Врз основа на овој договор за формирање, предложив како следна фаза, меѓу турските земји, да се формира организација слична на Интерпол и Европол под името Туркпол. И домаќините од Казахстан и министрите за внатрешни работи на Азербејџан, Киргистан и Узбекистан идејата ја примија исклучително позитивно. Верувам дека со идното формирање на Туркпол, нашата соработка и здружување на силите во борбата против прекуграничниот криминал и криминалците значително ќе се зголеми – вели Чифтчи.

„Сабах“ објави дека на средбата покрај безбедносните прашања,се разговарало и за олеснување на движењето на граѓаните од земјите на ОТС, а веќе се работи на проект за отворање посебни, заеднички шалтери за пасошка контрола на аеродромите за граѓаните на ОТС, модел сличен на оној во Европската Унија.

ОТС е меѓувладина регионална организација формирана на 3 октомври 2009 година со цел да ја промовира сеопфатната соработка помеѓу земјите со турско наследство, јазик и култура. Полноправни земји членки на ОТС се Турција, Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан.

Поврзани содржини