ДВАПАТИ ОДБИЛ ДА ГИ НАПАДНЕ ХУТИТЕ, ЗА ВОЈНАТА ВО ИРАН НЕ СЕ КАЕ Трамп вели дека би постапил исто ако е потребно
Мохамед бин Салман двапати разговарал со американскиот претседател за напад врз Хутите. Трамп го одбил барањето. Сепак, Трамп во интервју за „Фокс њуз“ порача дека не се кае за војната во Иран и дека, ако треба, би постапил исто.
Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман двапати телефонски побарал од Доналд Трамп американски воени удари врз Хутите, но претседателот го одбил барањето, пишува Аксиос. Белата куќа засега не планира директна американска акција против милитантната група.
Бин Салман двапати телефонски разговарал со Трамп во текот на ноќта, тврди порталот повикувајќи се на претставници од американската влада. Од него барал САД директно да ги нападнат Хутите во Јемен. Трамп одбил.
Одделно, Трамп за „Фокс њуз“ изјавил дека не се кае за војната со Иран и дека, ако повторно се најде пред истата одлука, би постапил исто.
– Не верувам во зборот „каење“. Секогаш можете малку да се запрашате дали сте биле во право – изјавил Трамп во интервјуто со Лора Инграхам.
Потоа уште појасно кажал што би направил ако повторно се најде пред истата одлука.
– Ако требаше повторно да го направам тоа, ќе постапев токму исто – рекол американскиот претседател за телевизијата ден пред објавата на написот на Аксиос.
Трамп ги отфрлил и тврдењата дека војната предизвикала незадоволство и деморализација кај дел од неговите поддржувачи.
Според него, тие биле горди на политиката што ја водел кон Техеран, особено околу иранската нуклеарна програма.
Војната, сепак, влегува и во американската изборна кампања. Една од главните политички теми стана растот на цените на нафтата и на гасот.
Трамп повторно изразил уверување дека конфликтот ќе заврши веднаш по изборите за Конгресот. Претходно тврдел и дека Техеран се обидувал да влијае врз изборниот процес.
Изборите во ноември ќе покажат дали републиканците ќе ја задржат контролата врз Конгресот.
Конфликтот во Иран започна со нападите на САД и Израел врз Иран на 28 февруари. Техеран потоа возвратил со напади врз Израел и врз земји од Заливот каде што има американски воени бази.
Конфликтот се прошири и врз Либан.
Во војната и во израелските напади врз Либан загинале илјадници луѓе, додека милиони беа принудени да ги напуштат домовите.