Е-ФАКТУРАТА СЕ ВОВЕДУВА ОД СЛЕДНАТА ГОДИНА Сите информации УЈП ќе ги добива во реално време
Директорката на УЈП посочи дека дигитализацијата нема веднаш да ги елиминира обидите за даночно затајување, но значително ќе го стесни просторот за прикривање трансакции и ќе го олесни нивното откривање.
Во текот на следната година ќе започне задолжителната фазна примена на е-фактурата, изјави директорката на УЈП, Елена Петрова на панел дискусијата во рамките на „Охрид 2026“, насловена „Даночни приходи, даночен јаз и борба против неформалната економија: посилни јавни финансии и подобра усогласеност со ЕУ“.
-До крајот на 2026 година се очекува да биде донесен законот, да заврши имплементацијата на софтверот и хардверската инфраструктура и да започне доброволното користење на е-фактурата – рече Петрова.
Според неа, една од најголемите промени што ќе ги донесе системот е начинот на кој даночната администрација ќе ги добива и обработува податоците. Наместо да ги чека податоците од даночните пријави, УЈП сега преку е-фактурата ќе располага со структурирани податоци за секоја поединечна трансакција и фактура, за продавачот, купувачот, артиклите и другите даночни показатели важни за оданочувањето.
Дополнително УЈП со воведувањето на е-фактурата ќе има пристап до сите потребно информации во моментот на издавање на фактурата. Сега УЈП овие податоци ги добива преку даночните пријави по завршувањето на месецот, тримесечјето.
Тоа, според Петрова, ќе овозможи и значително поинаков систем на даночна контрола. Дел од контролите ќе можат да бидат автоматизирани и вградени во самите процеси, со што ќе се намали можноста за намерни или ненамерни грешки и доставување неточни податоци.
Со вкрстување на информациите од е-фактурата со податоците што УЈП веќе ги добива од банките, Царината, фискалните уреди и други извори, ќе се создадат подобри можности за анализа на ризиците, откривање невообичаени шеми и поврзаности меѓу компании и препознавање сомнителни трансакции.
Петрова посочи дека дигитализацијата нема веднаш да ги елиминира обидите за даночно затајување, но значително ќе го стесни просторот за прикривање трансакции и ќе го олесни нивното откривање.
Целта, како што нагласи, е УЈП постепено да се трансформира во даночна администрација чие работење и носење одлуки ќе се базираат на управување со податоци и анализа на ризици.