ЗЕЛЕНСКИ ЌЕ ПОЧЕКА ЗА ТРОЈНА СРЕДБА, СЛЕДАТ ИЗБОРИ ВО РУСИЈА „Штом чујат дека преговараме, ги засилуваат нападите“

Киев и Вашингтон секојдневно разговараат за можен трилатерален состанок со Русија. Зеленски очекува нова средба со американскиот тим во Њујорк кон крајот на септември.

163

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не очекува суштински напредок во мировните преговори додека не завршат претстојните парламентарни избори во Русија. Изборите се закажани за 18 септември.

Сепак, Киев и Вашингтон веќе подготвуваат терен за можен трилатерален состанок со Москва.






Следната станица треба да биде Њујорк кон крајот на септември. Зеленски предупреди дека секое дипломатско придвижување досега било проследено со посилни руски напади.

– Верувам дека на крајот на септември ќе имаме можност да се сретнеме со американскиот тим во Њујорк – рече Зеленски на прес-конференција по потпишувањерто на Декларацијата за 100 години партнерство со Канада.

Неговите советници и претставниците за национална безбедност секојдневно разговараат со американските колеги. Една од темите е можниот формат за трилатерален состанок меѓу Украина, Русија и САД.

„Сакаат да го уништат дијалогот“

Зеленски тврди дека Киев веќе препознава образец во однесувањето на Москва. Кога дипломатските контакти се интензивираат, Русија ги засилува нападите.

– Штом ќе слушнат дека преговараме во ЕУ, во Европа, со други земји или со Американците, тие секогаш се обидуваат да ги интензивираат своите напади врз нас. Тие едноставно сакаат да ги запрат сите преговори и да го уништат дијалогот – вели украинскиот лидер.

И покрај тоа,Зеленски рече дека Киев нема да се откаже од дипломатскиот пат.

– Веруваме во мир и ќе се движиме во таа насока. Постои само еден начин да се запре оваа војна. Нема друг начин.

Житото како прв тест за примирје

Извозот на храна и енергетската инфраструктура би можеле да станат првите полиња за ограничено намалување на борбите.

Украина во изминатите месеци разговараше за безбедноста на извозот преку Црното Море со Египет, Индија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и со САД.

– Сите велат дека блокадата на украинските земјоделски производи е огромен предизвик, не само за Украина или за Русите, туку и за целиот свет – рече Зеленски.

Премиерот на Канада Марк Карни ја поддржа можноста за ограничен прекин на огнот што би ги опфатил житото и енергетската инфраструктура. Прекините во украинскиот извоз, според него, особено ги погодуваат земјите во Африка и на Блискиот Исток.

Нови санкции наместо чекање

Канадскиот премиер смета дека САД можат да одиграат клучна улога. Ги спомена и индискиот премиер Нарендра Моди и претседателот на ОАЕ, Мохамед бин Зајед, меѓу лидерите што промовираат слични иницијативи.

– Канада е подготвена да ги поддржи сите овие идеи – рече Карни.

Отава паралелно подготвува нов притисок врз Москва. Новиот пакет санкции треба да опфати компоненти што Русија ги користи во балистичките ракети.

Канада планира да ги заостри ограничувањата и за руската „флота во сенка“ и за финансиските услуги.

– Нема да седиме и да чекаме резултати – рече Карни.

Тој најави продолжување на притисокот и врз оние што ѝ помагаат на Русија во војната.

Канада влегува во ФРЕЈА

Балистичките ракети беа друга голема тема на средбата. Канада ќе се приклучи на ФРЕЈА, паневропска програма за развој на антибалистичката одбрана на Украина.

Целта е производство на поевтини пресретнувачи во големи количества. Тие треба да бидат одговор на руските балистички ракети.

Украина се надева дека првиот систем ќе го добие до крајот на годинава. Зеленски претходно разговараше со одбранбени компании во Норвешка, а разговорите сега продолжуваат и во Канада.

– Овој напор се мери во месеци, а не во децении – рече Карни.

Додека новите системи не станат достапни, Украина останува зависна од американските системи „Патриот“ и од нивните пресретнувачи.

Зеленски рече дека Киев продолжува да им верува на американските партнери, но се огради од целосна доверба.

– Секако дека им веруваме на Американците. Но, преговорите се тежок предизвик. Вклучени се многу различни интереси, па затоа веруваме, но и проверуваме – рече Зеленски.

Поврзани содржини