МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ВЕЖБАА МЕЃУСЕБНА ПРАВНА ПОМОШ ПРИ ФИНАНСИСКИ КРИМИНАЛ Посилна соработка за побезбеден регион
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев денеска учествуваше на билатералната вежба Македонија - Грција за меѓусебна правна помош во случаи на финансиски криминал.
Неопходна е посилна соработка меѓу институциите за поефикасно справување со финансискиот криминал и со прекуграничните криминални активности, порача директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев. кој денеска учествуваше на Билатералната вежба Северна Македонија – Грција за меѓусебна правна помош во случаи на финансиски криминал, организирана со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Како што соопшти МВР, вежбата е насочена кон унапредување на практичната соработка меѓу надлежните институции од двете земји преку размена на искуства, информации и најдобри практики во постапувањето со случаи поврзани со финансиски криминал.
– Безбедноста нема граници. Затоа и нашата соработка не смее да има граници – истакна Јанев, нагласувајќи дека криминалот не познава граници, а криминалните мрежи и финансиските текови често се протегаат низ повеќе држави.
Според него, одговорот на институциите треба да биде заеднички, навремен и координиран преку директна размена на информации, ефикасна меѓусебна правна помош, финансиски истраги, следење на сомнителни трансакции и размена на податоци од значење за истрагите.
Јанев оценил дека Македонија и Грција, како соседни држави, имаат посебна одговорност во јакнењето на безбедносната соработка и воспоставувањето механизми што ќе им овозможат на институциите да бидат чекор пред криминалот.
– Нашата цел не е само да реагираме кога криминалот ќе се случи. Целта е заеднички да бидеме чекор пред него преку навремено споделување информации, координирани постапки и ефикасна правна помош – порача директорот на БЈБ.
Тој нагласи дека ваквите вежби имаат особено значење бидејќи овозможуваат практично тестирање на механизмите за соработка и унапредување на процедурите за постапување во сложени прекугранични случаи.
– Таму каде што криминалот гледа граница како можност за криење, ние треба да гледаме можност за уште посилна соработка. Силни институции, тесно поврзани партнери и заедничка одговорност се основата за побезбедни граѓани и постабилен регион – истакнал Јанев.