ЈУ ТУ ЌЕ ДОБИЕ СВОЈА МОНЕТА Ирска со специјална монета од 2 евра одбележува половина век од формирањето на бендот

По пет децении од формирањето, јубилејот на U2 ќе биде одбележан и со пригодна монета од 2 евра, која ќе биде пуштена во оптек на 25 септември.

81

Ирскиот бенд Ју ту (U2), кој од мал бенд од Даблин стана еден од најпознатите рок-бендови во светот, ќе добие специјална пригодна монета од 2 евра по повод 50 години од формирањето. Централната банка на Ирска наведува дека U2 се избрани затоа што нивната музика и концертните настапи со децении инспирираат генерации ширум светот и соопшти дека монетата ќе биде претставена на 25 септември, во рамките на официјалната програма.

Боно, Еџ, Адам Клејтон и Лери Малeн го формирале бендот во Даблин во 1976 година. Приказната на U2 започнала во училиште во Даблин, кога Лери Малeн поставил оглас барајќи музичари за формирање бенд. На повикот се собрале ученици меѓу кои биле Пол Хјусон, подоцна познат како Боно, Дејвид Еванс – Еџ, и Адам Клејтон. Од таа првична средба ќе се роди група која ќе ја промени историјата на ирската музика.






Бендот постепено градеше публика, а вистинскиот пробив дојде со албумите „Boy“, „October“ и „War“. Песната „Sunday Bloody Sunday“ од 1983 година, со својата антивоена порака, го покажа правецот во кој U2 ќе ја развиваат својата музика – големи рок-песни кои се истовремено и општествено и политички ангажирани.

Во 1987 година следува „The Joshua Tree“, албумот кој ги претвори во глобални суперѕвезди. На него се наоѓаат песни како „With or Without You“, „Where the Streets Have No Name“ и „I Still Haven’t Found What I’m Looking For“, а албумот им го донесе и првиот „Греми“ за албум на годината.

U2 потоа продолжија да го менуваат својот звук и визуелниот пристап. „Achtung Baby“ од 1991 година донесе поинаква естетика и електронски влијанија, додека турнејата „Zoo TV“ стана позната по огромните видеоекрани, сателитски преноси, телефонски повици и визуелен спектакл кој за тоа време изгледаше речиси футуристички.

Боно, пак, со текот на годините стана познат и надвор од музиката, особено по ангажманот во кампањи поврзани со сиромаштијата, ХИВ/СИДА и долговите на најсиромашните земји. Тој повеќепати се среќаваше со светски лидери и учествуваше во меѓународни иницијативи.

Во текот на пет децении U2 освоија повеќе награди „Греми“ и продадоа стотици милиони плочи ширум светот. Нивните концерти прераснаа во големи продукциски спектакли, но четворицата музичари останаа во истата основна постава со која започнаа во Даблин во 1976 година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by U2 (@u2)

Монетата од 2 евра ќе биде издадена во две колекционерски варијанти – BU и Proof. Засега Централната банка не го открива официјалниот дизајн, па фотографиите што се појавуваат на интернет не треба да се земаат како конечен изглед на монетата.

Интересно е што U2 не се единствената ирска културна икона која годинава ќе добие вакво признание. На 2 октомври ќе биде претставена и сребрена монета од 15 евра посветена на писателката Мејв Бинчи, која почина во 2012 година и продаде околу 40 милиони книги на 37 јазици.

Поврзани содржини