ПОЖАРОТ КАЈ СЕЛЦИ И ЛОКОВ ГИ ИЗМАЧИЛ ПОЖАРНИКАРИТЕ Ќе се утврдува зошто на теренот имало толку исечени дрвја и суви гранки

Дождот во Западна Македонија помогна само кај Вруток. Стојанче Ангелов вели дека нема алармантни пожари, но предупредува дека нови жаришта може да се појават попладне.

79

Пожарот кај Селци и Локов ги измачи екипите на терен, натрупани суви гранки и цели пресечени дрвја го отежнаа гаснењето, а доброволци од Битола со денови се бореа со огнот. Жариштето сега е под контрола и остана активна само кратка линија, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

ДЗС сега ќе утврдува зошто на теренот имало толку многу исечена вегетација. Дел од дрвјата останале на земјата и добро се исушиле.






– Овде огнениот тим на ДЗС, составен од доброволци од Битола, се измачи, бидејќи има премногу исечена вегетација – рече Ангелов.

Екипите интервенираа и од воздух. Според Ангелов, користеле ертрактори и хеликоптер, но сувата вегетација го отежнувала гаснењето.

– Со овој пожар се измачивме и, како што веќе реков, сè уште има еден активен дел, но тој не претставува закана за околните населени места, ниту пак гори квалитетна шума – рече Ангелов.

3 ертрактори над Рамно

Активна остана и една локација кај Рамно. ДЗС денес дејствува со сите три ертрактори и очекува целосно да го изгасне пожарот.

– Во овој момент немаме алармантни пожари, сите пожари се ставени под контрола, но сè уште е активен пожарот на Рамно, на само една локација. Врз него денес дејствуваме со трите ертрактори и очекуваме да биде целосно изгаснат – рече Ангелов.

Под контрола е и пожарот кај Белица, во насока кон ловиштето „Јасен“. Ангелов рече дека не претставува опасност за ловиштето.

Огнот таму се движи ниско по земјата, а екипите не му дозволуваат да го премине сртот.

– Добро е тоа што не горат борови и дрвја, односно пожарот се одвива ниско по земјата – рече Ангелов.

Пожарот кај Коштионак е целосно под контрола. Екипите претходно цел ден дејствуваа со полициски хеликоптер.

Сезоната сè уште не завршува

Ангелов предупреди дека опасноста не поминала. Вчера во земјава имало над 30 пожари на отворено.

– За жал, сезоната на пожари на отворен простор сè уште не е завршена. Вчера повторно имавме над 30 пожари – рече Ангелов.

Очекуваниот дожд во Западна Македонија помогна само на неколку локации. Најмногу придонесе за догасувањето на пожарот над Вруток.

Ангелов нагласи дека состојбата може да се промени и во текот на денот.

– Тоа не значи дека во попладневните часови нема да се појават нови пожари. Затоа апелирам до граѓаните да бидат внимателни – рече Ангелов.

Дождот може да ја затвори сезоната

ДЗС сега ги очекува најавените посериозни врнежи за сабота и за недела. Ако прогнозата на УХМР се оствари, Ангелов очекува тие да го означат крајот на долгата сезона на пожари.

– Нестрпливо ги очекуваме. Доколку нивните прогнози се остварат, тогаш би требало да дојде и крајот на оваа сезона на пожари – рече Ангелов.

Поврзани содржини