БАКАРОТ ПОСКАПУВА ДЕСЕТТА НЕДЕЛА ПО РЕД Рудници во Турција се преориентираат кон металот, нашите ресурси во Иловица остануваат неискористени
Минатата недела на Лондонската берза на метали беше регистриран последователен раст на цената на бакарот, веќе десетта недела по ред. Цената достигна 14.304 долари за тон. Се прогнозира цена од 15.000 долари за тон до крајот на годината, со потенцијал да достигне околу 17.000 долари.
Цената на бакарот на светските берзи расте, а понудата на металот се намалува. Во трката за овој критичен минерал голем број држави веќе трупаат залихи, а други поттикнуваат инвестиции во рудници. Приклучок фатија и земји од регионот, па така нова експлоатација на бакарен концентрат наскоро се очекува во Грција, Бугарија и во Романија. Од друга страна, неодамна и Турција засилено започна да потврдува наоѓалишта, а во земјата веќе почна да се ископува нов бакарен концентрат, со најава за производство од 40.000 тони бакар годишно.
Македонија засега не го искористува својот потенцијал. Претходно, повеќе домашни експерти повикаа Македонија да се вклучи во експлоатацијата на бакар во соработка со западните партнери и да го искористи својот ресурсен потенцијал. Моментално единствена инвестиција е во наоѓалиштето во Иловица, при што е утврдено дека рудникот би експлоатирал 10 милиони тони руда годишно, а просечното годишно производство е проектирано на над 10.000 тони бакар. Според количините на руда што ги поседува, проектот се предвидува да биде активен околу 23 години. Според проекциите на инвеститорот, рудникот за бакар во Иловица има потенцијал да биде меѓу топ 3 извозни компании во државата, со извоз од над 200 милиони евра годишно. Други активни инвестиции во ископ на критичен минерал во Македонија нема, а единствено функционира рудникот „Бучим-Боров дол“ кој произведува околу осум илјади тони бакар годишно.
Од друга страна, последниот пример од Турција покажува дека постоечки рудни наоѓалишта веќе ги испитуваат потенцијалите конкретно за бакар. „АЦГ Металс“ го произведе својот прв бакарен концентрат од рудникот Гедиктепе, со што официјално е ставен крај на ископот на скапоцени метали и цинк. Компанијата соопшти дека целта е годишно производство од 40.000 тони бакар. Во рудникот некогаш се ископувале злато, сребро и цинк, а сега производството се преориентира на бакар, бидејќи вештачката интелигенција, електрификацијата и другите технологии ја зголемуваат побарувачката за црвениот метал.
„Производството на нашиот прв бакарен концентрат го означува преминот на АЦГ во производител на бакар што е одлучувачка пресвртница за компанијата. Нашиот приоритет сега е дисциплинирано зголемување на производството, обезбедување конзистентен квалитет на концентратот и напредување кон производство во стабилна состојба“, соопштија од раководството на рудникот.
Минатата недела на Лондонската берза на метали беше регистриран последователен раст на цената на бакарот, веќе десетта недела по ред. Цената достигна 14.304 долари за тон.
Аналитичарот на финансиската куќа Citigroup Inc., Том Малквин, прогнозира цена од 15.000 долари за тон до крајот на годината, со потенцијал да достигне околу 17.000 долари. Според него, вториот случај ќе биде можен ако производството стагнира, а побарувачката за бакар поради енергетската транзиција, центрите за податоци или стратешкото складирање се покаже како посилна од очекуваното.
Низа разочарувања ги поткопаа очекувањата дека глобалната понуда на рудниците ќе забележи барем скромен раст оваа година. Податоците на Меѓународната група за студии за бакар (ISCG) покажуваат дека производството се намалило за 1,1% во првата половина, при што главните производители забележале двоцифрен пад. Влошувањето на квалитетот на рудата, неуспесите во проектите и екстремните временски услови ја зголемуваат загриженоста за тоа дали понудата може да го одржи чекорот со побарувачката, бидејќи електрификацијата добива на интензитет во наредните години.