ТЕШКО ДО ОТСТАПКИ НА УКРАИНСКА ТЕРИТОРИЈА, ЗА ТОА ТРЕБА СРЕДБА Зеленски бара гаранции, Путин ги убедува Американците дека победува
Американските пратеници заминаа од Киев без видлив пробив. Зеленски побара силна армија и јасни безбедносни гаранции, а територијалното прашање го остави за разговор на лидерско ниво. Прашањето за територијата го опиша со еден збор, „тешко“.
Мировниот договор не смее да ја остави Украина без силна армија и без цврсти безбедносни гаранции.
Ваков услов постави украинскиот претседател Володимир Зеленски на панел по разговорите со американските пратеници во Киев.
За најтешкото прашање, територијата, Зеленски не покажа подготвеност за отстапки. Прашањето пред публиката го опиша со еден збор, „тешко“. Украинскиот лидер вели дека за територијата може да се разговара само на лидерско ниво.
Украинскиот претседател истовремено не ја исклучи можноста војната да продолжи и во текот на зимата.
– Многу се надеваме дека ќе можеме да постигнеме договори со нашите американски партнери. Сметаме и на поддршката од европските партнери ако војната продолжи во зима, а во моментов изгледа дека ќе биде така – рече Зеленски.
Кај Путин пратениците слушнале поинаква приказна
Американските пратеници на Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, претходно во Москва слушнале друга оценка за состојбата на фронтот.
Путин им рекол дека руските сили постигнуваат „опиплив напредок“. Москва повторно побара да се решат таканаречените „коренски причини“ за војната. Зад оваа формулација стојат долгогодишните барања на Русија за територијата, откажувањето од НАТО и за вооружувањето на Украина.
Од друга стнраа, на преговорите во Киев кои уследија потоа, украинската страна тврдеше дека во август освоила повеќе територија отколку што загубила.
Today, we had three rounds of negotiations. All of them were very substantive. I want to thank Steve and Jared for coming. And we are grateful to the President of the United States. We had good discussions. Thank you for devoting sufficient attention today to the winter period… pic.twitter.com/Jq8ClgzvHi
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) September 6, 2026
Виткоф бара компромис од двете страни
Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф оцени дека разговорите во Киев биле охрабрувачки.
– Двете страни ќе мора да направат компромис и да ги надминат своите разлики. Ние веруваме дека имаме што е потребно за да го постигнеме тоа. Многу е тешко, но решени сме. Ова е важно за нас и се надеваме дека сето ова ќе доведе до дипломатско решение – изјави Виткоф.
Посетата на Виткоф и на Кушнер во Киев е прва по 2022 година. По неколкучасовните разговори со Зеленски, во разговорите се вклучиле и европските партнери, имено советници за национална безбедост од неколку земји. Меѓу нив бил и британскиот советник Џонатан Пауел.
Средба пред симболот на стариот Киев
Американските пратеници до Киев стигнаа со воз. Летот до украинската престолнина и натаму е премногу ризичен поради војната. Зеленски ги пречека Виткоф и Кушнер пред катедралата „Света Софија“, еден од најстарите симболи на Киев.
Само неколку десетици метри оттаму се наоѓа зградата на украинските безбедносни служби. Руски беспилотни летала ја погодија во петокот.
Од Киев повторно заминаа со специјален воз. Украинската железница го потврди нивното заминување, но не откри каде продолжија.