📽️ ПУТИН СЕДНА СО ПРАТЕНИЦИТЕ НА ТРАМП Виткоф и Кушнер во Москва со предлог за крај на војната

Путин ги прими Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Кремљ, а по Москва американските пратеници треба да отпатуваат во Киев. Во меѓувреме, Москва и Киев имаат ограничена пауза во нападите врз главните градови.

148

Рускиот претседател Владимир Путин вечерва во Кремљ се сретна со специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, во нов обид Вашингтон да посредува за ставање крај на војната во Украина.

Виткоф и Кушнер денеска пристигнаа во Москва, каде што на аеродромот „Внуково“ ги пречека рускиот претставник за инвестиции и економска соработка Кирил Дмитриев. По средбата со Путин, американската делегација треба да продолжи за Киев.






На почетокот на разговорот Путин оцени дека ситуацијата околу Украина е тешка, но порача дека ваквите контакти се корисни.

– Како што ме информиравте, знам дека по Москва планирате да одите во Киев. Во секој случај, што и да се случува таму понатаму, контакти од ваков вид секогаш се корисни – му рекол Путин на Виткоф, пренесува Ројтерс.

Путин истакна дека Русија ќе направи сè за да ја гарантира безбедноста на преговорите и на посредниците кои учествуваат во нив. Воедно, побара од Виткоф да му ги пренесе на Трамп неговите поздрави и благодарност.

Една од главните теми на разговорите е можноста за прекин на огнот и поширок договор за завршување на војната. Трамп претходно соопшти дека Виткоф и Кушнер во Москва и Киев носат конкретен предлог за ставање крај на конфликтот.

 

Путин: Барањето за пауза во нападите стигна од Украина

Путин изјави дека барањето за тридневна пауза во руските напади врз Киев стигнало од украинска страна преку официјални канали, вклучително и разузнавачките служби и Министерството за надворешни работи.

Според Путин, од полноќ немало руски напади врз Киев.

Тој истовремено рече дека Украина значително ги намалила нападите врз руска територија, вклучително и врз Москва. Путин, сепак, нагласи дека меѓу Москва и Киев немало договор за поширок тридневен прекин на огнот.

Кремљ претходно соопшти дека Путин наредил тридневен прекин на нападите врз Киев, почнувајќи од полноќ, во врска со посетата на американските пратеници.

Виткоф му се заблагодарил на Путин за одлуката, оценувајќи дека таа овозможила тој и Кушнер да допатуваат во Москва на преговори.

Американскиот пратеник, исто така, му пренел на Путин благодарност од семејството на поранешниот американски маринец Роберт Гилман за неговото ослободување од затвор.

Ова е еден од најзначајните дипломатски контакти меѓу Вашингтон и Москва во последниот период. Двете страни и натаму се далеку од договор за целосен прекин на војната, но посетата на Виткоф и Кушнер претставува нов обид на администрацијата на Трамп да ги придвижи преговорите од мртва точка.

По Москва, Виткоф и Кушнер се очекува да отпатуваат во Киев, каде што треба да разговараат со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Поврзани содржини