ЧЕТВОРИЦА ЗА ЕДНО ОД НАЈВАЖНИТЕ МЕСТА ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО Кој ќе го замени Абази ќе биде познато на изборот на 28 октомври
Четворица обвинители досега се кандидирани за шеф на ОЈО ГОКК. Изборот на наследникот на Ислам Абази ќе се одржи на 28 октомври.
Четворица обвинители досега поднеле кандидатури за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Рокот за пријавување истекува овој викенд, а во понеделник ќе се очекуваат и евентуалните кандидатури испратени по пошта.
Во трката се вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, обвинителката од ОЈО Скопје Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.
Цветановски ја потврди својата кандидатура. Тој вели дека по повеќе од 25 години поминати во обвинителството смета оти е подготвен да преземе раководна функција и да се соочи со предизвиците во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
– Се пријавив бидејќи сметам дека по 25-26 години поминати во обвинителството логично е да застанам на оваа позиција која има многу предизвици. Сметам дека ќе дадам голем придонес – изјави Цветановски за Сител.
Тој не открива детали од програмата со која ќе настапи пред Советот на јавните обвинители, но најавува дека приоритетите ќе ги презентира во следната фаза од постапката.
Лидија Раичевиќ има долгогодишно обвинителско искуство и претходно беше кандидатка и за државен јавен обвинител. Искра Хаџи-Василева е обвинителка во ОЈО ГОКК, додека Фатон Азизи исто така работи во ова обвинителство и е вклучен во повеќе предмети.
Актуелниот шеф на ОЈО ГОКК Ислам Абази нема да се кандидира за втор мандат. Неговиот четиригодишен мандат истекува на 8 ноември, по што тој најави дека ќе се врати во Вишото јавно обвинителство во Гостивар.
Новиот шеф ќе раководи со обвинителството кое постапува по предмети поврзани со организиран криминал и корупција, вклучително и сложени случаи во кои се опфатени носители на јавни функции.
По завршувањето на рокот за пријавување ќе следува проверка на кандидатурите и презентирање на програмите. Конечниот избор е закажан за 28 октомври, кога јавните обвинители од целата држава на непосредно и тајно гласање ќе го изберат новиот раководител на ОЈО ГОКК.
Така, доколку нема дополнителни кандидатури пристигнати по пошта, четворицата Цветановски, Раичевиќ, Хаџи-Василева и Азизи ќе се соочат за функцијата која во моментов ја извршува Абази.