📽️ ТРАГЕДИЈА ПРЕД ИЛЈАДНИЦИ ГЛЕДАЧИ КАЈ АТИНА Двајца пилоти загинаа во падот на Ф-4 Фантом
Ф-4 Фантом се урна во близина на Танагра додека илјадници гледачи го следеа авијацискиот спектакл; шоуто веднаш беше прекинато
Двајца пилоти на грчкото воено воздухопловство загинаа откако борбен авион „F-4E Phantom II“ се урна за време на авијацискиот спектакл „Athens Flying Week“ во близина на Танагра, северно од Атина.
Несреќата се случила во 14:55 часот, само неколку минути откако авионот започнал со својот настап. Авионот паднал во близина на воената воздухопловна база Танагра, пред илјадници гледачи кои го следеле спектаклот.
Од грчкото воено воздухопловство е потврдено дека загинале двајцата членови на екипажот. Причините за несреќата ги истражува надлежна комисија.
Според грчките медиуми, постојат индикации дека пилотите не го активирале системот за катапултирање. Се истражува и можноста тие во последните моменти да се обиделе да го насочат авионот подалеку од публиката и населените места. Овие информации засега се предмет на истрага.
По падот следувала силна експлозија и избувнал пожар, при што над местото се издигнал густ црн чад. Огнот се проширил кон околните земјоделски и шумски површини, а бил зафатен и објект во близина на индустриска зона.
WATCH: The moment a Greek Air Force F-4 Phantom crashes during an aerial display at Tanagra Air Base. pic.twitter.com/Sa8n5kelYr
— Clash Report (@clashreport) September 5, 2026
Во гаснењето биле ангажирани голем број пожарникари и специјализирани екипи, како и повеќе авиони и хеликоптери за гаснење од воздух. Надлежните презеле мерки за евакуација и обезбедување на подрачјето.
По трагедијата, „Athens Flying Week“ е прекинат, а организаторите го откажаа остатокот од програмата што требаше да продолжи и во недела, 6 септември.
Несреќата предизвика итна реакција и во грчкиот државен врв. Министерот за одбрана Никос Дендиас го прекина престојот во Солун и се врати во Атина. Во Грција е прогласена и тридневна жалост во вооружените сили.
„Athens Flying Week“ се одржува на воздухопловната база Танагра и годинава беше закажан за 5 и 6 септември. На спектаклот учествуваа воени и цивилни воздухопловни тимови од повеќе земји.