📽️ РУСКИ ДРОН ЈА ПОГОДИ ЗГРАДАТА НА УКРАИНСКАТА ТАЈНА СЛУЖБА Најмалку девет лица се повредени, Зеленски најави одговор

Претседателот Зеленски вели дека рускиот дрон бил насочен директно кон канцеларијата на вршителот на должноста директор на СБУ Олександар Поклад.

162

Најмалку девет лица се повредени откако руски дрон ја погоди централната зграда на Службата за безбедност на Украина (СБУ) во Киев, соопшти градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Според достапните информации, седум од повредените биле хоспитализирани.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно соопшти дека дронот ја погодил централната зграда на СБУ на улицата Володимирска во Киев.






Според Зеленски, леталото било насочено „директно кон канцеларијата“ на вршителот на должноста директор на СБУ, Олександар Поклад. Украинските медиуми објавија дека Поклад во моментот на нападот не бил во својата канцеларија.

 

Кличко соопшти дека во објектот дошло до уривање на меѓукатната конструкција и дел од надворешниот ѕид. На местото на нападот избувнал пожар, кој според последните информации бил ставен под контрола.

 

СБУ е украинската безбедносна служба задолжена, меѓу другото, за контраразузнавачки и антитерористички активности. Во текот на војната таа е вклучена во операции против руските сили и инфраструктура, како и во акции насочени кон руски претставници.

 

По нападот, Зеленски разговарал со Поклад и соопшти дека од него побарал да подготви „соодветен, значаен и, ако е можно, симетричен“ одговор на нападот, со поддршка од украинската армија.

Нападот се случи во централниот дел на Киев, во близина на Софиската катедрала. Украинските власти продолжија со расчистување и проверка на местото, додека службите работеа на последиците од ударот.

Засега нема независна потврда за тоа колкава е штетата на објектот на СБУ, ниту дали меѓу повредените има припадници на украинската безбедносна служба.

Поврзани содржини