23 ПОЖАРИ НИЗ МАКЕДОНИЈА, ОСУМ СÈ УШТЕ АКТИВНИ Горат шуми, депонии и ниска вегетација

Најсериозна е состојбата кај Грачани, Буринец–Локов–Селци, Белица, Кратово, Босилово, Кочилари–Бекирлија, Бистра и Горна Арнакија.

20

Дваесет и три пожари на отворен простор се регистрирани низ Македонија до 18 часот, од кои осум се активни, три се ставени под контрола, а 12 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Најголем број од активните пожари зафатиле ниска вегетација, шума и пасишта, но огнот гори и на неколку депонии.






Во Општина Ѓорче Петров, пожарот кај селото Грачани во моментов е активен на територијата на Косово, каде што зафатил шума.

Пожар е активен и на подрачјето на Општина Струга, помеѓу селата Буринец, Локов и Селци, каде што гори нискостеблеста шума.

Во Општина Македонски Брод, активен е пожарот во селото Белица, на местото викано Кајорец. Огнот зафатил борова шума. Пожар има и во Кратово, каде што гори депонија.

Во Општина Босилово, огнот се шири помеѓу селата Моноспитово и Бориево, исто така на подрачје на депонија.

Пожарот кај село Кочилари во Општина Велес се префрлил и на територијата на Општина Свети Николе, во близина на селото Бекирлија. Таму се зафатени ниска вегетација и борова шума.

На планината Бистра, во месноста Кириловец, во Општина Маврово и Ростуше, активен е пожар кој зафатил пасиште и ниска вегетација.

Огнот е активен и во селото Горна Арнакија во Општина Сарај, каде што гори нискостеблеста шума.

Три пожари се ставени под контрола. Во Општина Сарај, кај село Копаница, гореле нискостеблеста шума и ниска вегетација.

Во село Брест, во месноста Рамно на Скопска Црна Гора, во Општина Чучер-Сандево, пожарот зафатил мешана шума и е ставен под контрола. Под контрола е и пожарот на градската депонија во Делчево.

Во текот на денот пожарникарите и другите надлежни служби интервенирале и на повеќе локации каде што огнот веќе е изгаснат.

Во Виница, пожарот на влезот во градот зафатил ниска вегетација. Во Општина Струга, кај село Октиси, гореле стрниште и нискостеблеста шума. Во населбата Карпош во Куманово бил регистриран пожар во ниска вегетација.

Во Општина Радовиш, пожарите во селата Дамјан и Подареш зафатиле ниска вегетација, а во Дамјан биле опфатени и грмушки. Во село Чајле, Општина Гостивар, бил изгаснат пожар во ниска вегетација.

Во Општина Теарце, изгаснати се пожари во селата Глоѓе и Нераште, и во двата случаи зафатена била ниска вегетација. Во село Тепавци во Општина Новаци, огнот зафатил ниска вегетација и нискостеблести растенија.

Пожар бил регистриран и на улицата 16-та во Битола, каде што горело ѓубре. Во Општина Сарај, пожарот меѓу Копаница и Бојане бил предизвикан во предел каде што горело ѓубре. Во Гази Баба, на улицата 516 во Стара Комуна, исто така бил регистриран пожар во ѓубре.

ЦУК продолжува да ја следи состојбата со пожарите на отворен простор и ги координира активностите на надлежните институции на теренот.

Поврзани содржини