ОД СЛЕПО ЦРЕВО, МАКЕДОНИЈА СТАНУВА СТОЛБ НА ЕНЕРГЕТСКАТА МАПА НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА Божиновска во Солун вети дека ќе се изградат интерконекторите кон Грција и кон Србија

Според министерката за енергетика најважно е тоа што Македонија нема да остане само со едно гасно поврзување.

32

Македонија со официјалното приклучување кон Вертикалниот гасен коридор прави историски чекор кон прекин на долгогодишната зависност од една гасна рута и отворање кон нови извори и пазари, рече во своето излагање министерката за енергетика, рударство Сања Божиновска на Шестиот Метрополитен самит во Солун.

– По три децении ја прекинуваме целосната зависност од само една гасна рута и градиме инфраструктура која ќе ја постави Македонија на новата енергетска карта на Европа – рече Божиновска.






Министерката посочи дека изградбата на гасниот интерконектор со Грција напредува според планираната динамика. Со новата гасна врска Македонија ќе добие директен пристап до јужниот гасен коридор и до можностите за снабдување преку ЛНГ терминалите во Ревитуса и Александруполис, со што се отвора пристап до диверзифицирани извори на природен гас.

-Ова не е само проект за нас. Ова е пристап до алтернативни извори на гас за целиот регион. Со интерконекторот ја зголемуваме сигурноста на снабдувањето, создаваме услови за поголема конкуренција и ја зајакнуваме регионалната енергетска отпорност“, истакна Божиновска.

Божиновска во своето обраќање ја нагласи и стратешката важност на интерконекторот со Србија, преку кој Македонија ќе воспостави нова гасна врска кон север.

-Нашата визија не застанува на границата со Грција. Продолжуваме со интерконекторот со Србија, со што создаваме западнобалкански крак кој го поврзува југот со Централна и Источна Европа – рече таа.

Божиновска оцени дека со паралелното развивање на гасните интерконекции со Грција и Србија Македонија ја трансформира својата позиција – од крајна точка на гасниот систем во потенцијален регионален транзитен енергетски коридор.

-Ние го трансформираме регионот од пасивна крајна точка во активен транзитен коридор. Нашата земја има амбиција да биде енергетска врска меѓу југот и Централна и Источна Европа – рече таа.

Министерката нагласи дека инвестициите во гасната инфраструктура се дел од поширока енергетска транзиција и дека новите интерконектори мора да бидат подготвени за идните технологии.

-Нашата визија оди подалеку од традиционалните енергенси. Архитектурата што ја градиме денес мора да биде доволно флексибилна да ги поддржи енергетските системи на утрешнината – рече Божиновска.

Божиновска посочи дека новата инфраструктура се развива со перспектива за идниот транспорт на водород и со цел да биде компатибилна со долгорочните европски цели за декарбонизација.

Покрај гасната инфраструктура, министерката ги истакна и инвестициите во обновливи извори на енергија, особено сончевата и ветерната енергија, како и потребата од модернизација и зајакнување на електроенергетските мрежи и прекуграничните интерконекции.

-Енергетската транзиција не е само промена на енергентите. Таа е изградба на нов систем – со повеќе извори, повеќе врски, повеќе флексибилност и поголема отпорност – рече таа.

Таа порача дека Македонија останува целосно посветена на европската визија за поврзан, конкурентен и отпорен енергетски систем.

-Подготвени сме за работа, подготвени сме за инвестиции и подготвени сме да бидеме сигурен столб на енергетската отпорност на Југоисточна Европа – рече Божиновска.

Попладнево, во рамките на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа (SEEF), Божиновска ќе го потпише меморандумот за соработка, со што Македонија и официјално ќе се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор.

Поврзани содржини