🎥 ДВЕ ИНФЛУЕНСЕРКИ ИСФРЛЕНИ ОД US OPEN Големата експанзија на креатори на содржини на турнирот отвори дебата за непочитувањето на спортистите

Околу 100 креатори на содржини годинава добија акредитации за US Open, но нивното присуство предизвика реакции по неколку инциденти за време на мечевите.

123

US Open годинава се соочи со необична контроверза околу инфлуенсерите и креаторите на содржини, откако нивното сè поголемо присуство на турнирот предизвика реакции и кај навивачите и кај тенисерите.

Последен во низата случаи е оној со Мег Радиче и Одри Јонгенс, познати по профилот The VIP List. Двете добиле акредитации за турнирот, но нивниот пристап бил укинат само два часа откако на „Инстаграм“ објавиле фотографии од своите пропусници. Тие тврдат дека не знаеле дека со тоа го прекршуваат правилникот.






Радиче и Јонгенс пристигнале во Њујорк преку соработка со ресторан на терените на US Open и планирале да создаваат содржини во текот на турнирот. Тие раскажале дека отишле на вечера и пијалаци, но пред воопшто да стигнат до тениските терени им било кажано дека акредитациите повеќе не им важат. Двете се пожалиле дека биле шокирани од одлуката и побарале да им биде дозволено да се вратат.

Но нивниот случај е само еден дел од многу поголема приказна која деновиве го тресе турнирот. US Open годинава значително го прошири присуството на креаторите на содржини – акредитации добиле околу 100 инфлуенсери, речиси двојно повеќе од минатата годин кога биле акредитирани 54. Околу 20 од нив биле ангажирани за содржини поврзани со храната и пијалаците.

Проблемот настана кога дел од посетителите почнаа да се однесуваат како да се на фотосесија, а не на тениски натпревар. На 31 август, за време на мечот меѓу Наоми Осака и Анастасија Захарова на „Артур Еш“, група инфлуенсери во една ложа снимале фотографии со силни ринг-светла и се движеле додека траела играта. Судијата морал да го прекине мечот и да побара да престанат со снимањето. Снимките од сцената веднаш се проширија на социјалните мрежи.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ABC7NY (@abc7ny)

Овој инцидент предизвика остри реакции. Наоми Осака подоцна зборуваше за потребата од почит кон спортот, додека Џесика Пегула оцени дека ваквото однесување е непочитување кон тенисерите кои се обидуваат да се концентрираат на мечот.

Не станува збор само за ринг-светлата. На турнирот биле забележани и други случаи на снимање и правење селфи во моменти кога топката била во игра. Токму поради тоа организаторите почнале дополнително да ги потсетуваат посетителите дека не смеат со светла, блиц или други активности да го попречуваат натпреварот.

Од US Open велат дека присуството на креаторите на содржини е дел од стратегијата турнирот да стигне до нова публика, особено преку социјалните мрежи. Но, истовремено, однесувањето на трибините и во ложите мора да остане во рамките на правилата. Организаторите нагласуваат дека ваквите инциденти се ретки, но дека судиите имаат овластување веднаш да реагираат кога нешто го попречува мечот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by The VIP List (@theviplist)

Интересно е што токму во периодот кога се води оваа дебата, двете инфлуенсерки добија забрана за пристап до турнирот поради сосема друго прекршување – објавувањето на нивните акредитации. Мег Радиче и Одри Јонгенс велат дека не знаеле дека тоа е забрането, но правилата за акредитираните лица се построги токму поради безбедноста и контролата на пристапот.

The VIP List, пак, е познат по своите директни и често остри ресторански критики во Њујорк. Радиче и Јонгенс имаат голема публика на социјалните мрежи, а нивните видеа често предизвикуваат жестоки реакции кај сопствениците на рестораните и корисниците.

Случајот со нивните акредитации така се најде во центарот на пошироката расправа за новата улога на инфлуенсерите на големите спортски настани. US Open очигледно сака да ја искористи нивната популарност за да привлече нова публика, но инцидентите од првите денови покажаа дека границата меѓу создавање атрактивна содржина и нарушување на спортскиот настан може многу лесно да биде премината.

 

Поврзани содржини