НОВ БУЛЕВАР ВО ЧАИР, СО СИТЕ НИШАНИ „Македонско-косовска бригада“ со 4 ленти, зеленило, велопатеки и осветление

Во првата фаза, булеварот ќе се гради на потегот од крстосницата со улицата Џон Кенеди до булеварот Босна и Херцеговина, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. 

186

Се вршат последните подготовки пред почетокот на изградбата на новиот булевар Македонско-косовска бригада во Скопје, информира скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

„Денеска заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, извршивме увид во завршните подготвителни активности пред почетокот на изградбата на новиот булевар Македонско-косовска бригада. Во првата фаза, булеварот ќе се гради на потегот од крстосницата со улицата Џон Кенеди до булеварот Босна и Херцеговина“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.






Скопјани заслужуваат модерна, безбедна и функционална инфраструктура, тоа е еден од темелите на мојата визија за град што се развива плански, рамномерно и со јасна стратегија, додаде градоначалникот.

„Новиот булевар ќе биде современо сообраќајно решение со четири сообраќајни ленти, по две во секоја насока, средишно зеленило, велосипедски патеки во двата правци и нови, уредени тротоари. Во рамките на проектот ќе бидат изградени и нова атмосферска канализација и современо улично осветлување, а предвидено е и заштитно зеленило од двете страни на булеварот, како и посебни проширувања кај автобуските стојалишта. На тој начин ќе обезбедиме побезбедно, поефикасно и непречено одвивање на сообраќајот“, објави Ѓорѓиевски.

Со изградбата на овој булевар создаваме нов, модерен и организиран урбан простор, ја зголемуваме безбедноста, ја подобруваме мобилноста и градиме инфраструктура што ќе им служи на многу генерации, додаде скопскиот градоначалник.

Поврзани содржини