ВИСОКИОТ ЕКОНОМСКИ РАСТ ВО ВТОРИОТ КВАРТАЛ Е ПОТВРДА ЗА ВЛАДИНИТЕ ПОЛИТИКИ Мицкоски оцени дека растот од 4,3% е четврти најголем во ЕУ

Според премиерот, остварениот раст во првото полугодие е меѓу најсилните во Европа и е континуиран во услови кога кај нашиот најголем трговски партнер - Европската Унија и земјите од еврозоната е 1,2%, односно еден процент. 

29

Во вториот квартал имаме исклучително висока економска активност и зголемен БДП од 4,3%, што е потврда за политиките на Владата, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.  Тоа, според него, е уште една лоша вест за опозицијата која, како што рече, „повторно жали што Македонија оди напред, а не е вовлечена во нивното политичко мочуриште на лаги, клевети, измислици и конструкции“.

Мицкоски порача дека државата ќе продолжи да оди напред. Не е лесно, вели тој, не се сите проблеми решени, бидејќи се наследени многу, но важно е дека работиме и се трудиме се што е наследено да го решаваме, а да не создаваме нови проблеми. Резултатите после 25-26 месеци излегуваат на површина, имаме раст на индустриско производство, стабилизирана инфлација.






Според Мицкоски, остварениот раст во првото полугодие е меѓу најсилните во Европа и е континуиран во услови кога кај нашиот најголем трговски партнер – Европската Унија и земјите од еврозоната е 1,2%, односно еден процент.

Кога на растот од 4,3% во вториот квартал ќе се додаде и растот во првото тримесечје од 3,1%, како што посочи, дава отприлика 3,7% во првото полугодие од оваа година, што е еден од најсилните во Европа.

– Повторно ги повикувам оние на социјалните медиуми да почнат да ме исмејуваат, но јас ќе си стојам до мојот став дека ова е едно од четирите најголеми зголемувања на БДП и во првата половина на годината и во второто тримесечје во услови кога имаме за истиот квартал 2025 година 3,5% раст. Словенија има 3,8% раст во вториот квартал годинава, но 0,7% во вториот квартал 2025 година. Пред нас уште се Малта и Данска. Ги повикувам повторно ботовите на опозицијата со нивните политички мочуришта да почнат повторно да снимаат рилсови и да ме исмејуваат, но тоа се фактите, за жал, не можат фактите да ги негираат – рече Мицкоски.

Тој додаде дека и 2024 година со раст на БДП изнесуваше 3% со што земјата беше рангирана во првата половина од земјите во Европа, во 2025 година имавме раст од 3,5%, сега во првото полугодие сме веќе со 3,7%.

– Имаме континуиран раст во услови кога нашиот најголем трговски партнер – Европската Унија и земјите од еврозоната имаат во целина 1,2 %, односно еден процент. Ако го погледнете растот на БДП во периодот 2006 -2008 имаме раст од 5%, но тогаш ЕУ и еврозоната растат со толкав или поголем процент, што само по себе говори за политиките на оваа Влада, што претставува уште една лоша вест за опозицијата во Македонија – рече Мицкоски.

Според податоците на Државниот завод за статистика во второто тримесечје од 2026 година поголем пораст е забележан во секторот Градежништво од 21,9%.Финалната потрошувачка во второто тримесечје од 2026 година номинално расте за 7,0 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 83,2 отсто.Бруто-инвестициите во второто тримесечје од 2026 година номинално растат за 14,5 отсто како резултат на порастот на бруто-инвестициите во основни средства.

Според сезонски и календарски приспособените податоци, стапката на раст на бруто-домашниот производ во второто тримесечје од 2026 година, во однос на второто тримесечје од 2025 година, е 4,0%.

Поврзани содржини