ФОЛКСВАГЕН ЌЕ ОТПУШТИ ДОПОЛНИТЕЛНИ 50.000 РАБОТНИЦИ На удар 4 фабрики во Германија
Надзорниот одбор го одобри планот за трансформација до 2030 година.
„Фолксваген“ планира да укине дополнителни 50.000 работни места во наредните години со цел да ги намали трошоците, соопшти германскиот производител на автомобили.
Според компанијата, намалувањето на бројот на вработени на глобално ниво е неопходно за постигнување на целите на програмата за трансформација.
Компанијата не може да ја гарантира иднината на фабриките во Емден, Цвикау, Хановер и Некарсулм ниту нивното профитабилно работење од 2031 до 2034 година.
„Паралелно се испитува алтернативна употреба како дополнителна мерка за тие фабрики“, објави компанијата.
Концептот за одржлива и конкурентна производствена структура за европските фабрики, кој е усогласен со целокупната визија на компанијата, треба да се развие до крајот на јуни 2027 година.
„Планот за иднината создава услови за групацијата Фолксваген и нејзините брендови да станат поспособни, поконкурентни и ориентирани кон иднината“, се наведува во соопштението за медиумите на компанијата.
Според мислењето на менаџментот и надзорниот одбор, спроведувањето на планот е апсолутно неопходно за да се зачува конкурентноста на групацијата „Фолксваген“.
По интензивни и конструктивни дискусии, Надзорниот одбор „едногласно го одобри“ сеопфатниот План за иднината 2030 на групацијата „Фолксваген“.
Затворањето на фабриките во Хановер, Цвикау, Емден и фабриката на Audi во Некарсулм би загрозило повеќе од 45.000 работни места. Ова би било дополнително на 50.000 отпуштања веќе договорени со синдикатите до крајот на 2024 година.
Компанијата се најде во неповолна положба поради конкуренцијата од Кина, високите царини и скапиот премин кон електрични возила. Тоа се одрази и на приходите на компанијата.
Од почетокот на годината акциите на германскиот гигант изгубија повеќе од 25% од вредноста што придонесе таа да испадне од европскиот индекс Еуро стокс 50.