МИЦКОСКИ УВЕРЕН ДЕКА МАЃАР НЕ МИСЛЕЛ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН Унгарскиот премиер изјави дека е против забрзано членство во ЕУ

Мислам дека таа изјава се однесува на други земји кандидати за членство во Европската Унија – рече Мицкоски.

1

Премиерот Христијан Мицкоски е убеден дека изјавата на унгарскиот премиер Петер Маѓар дека Унгарија не поддржува забрзан процес на пристапување за ниту една земја-кандидатка во Европската Унија не се однесува на земјите од Западен Балкан, туку на други земји-кандидатки.

– Убеден сум дека колегата Маѓар тоа што го кажал не го мисли за Балканот, бидејќи досега откако е избран за претседател на Владата на нашиот стратешки партнер Унгарија, има неколку десетици изјави во кои вели дека поддршката за Западен Балкан, во кој географски припаѓаме и ние, за пристапување кон Европската Унија е недвосмислена и искрена и таа никогаш не била доведена под знак прашање. Мислам дека се однесува на други земји кандидати за членство во Европската Унија – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по промоцијата на нови комунални возила за општините.






На 2 септември, по средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Будимпешта, унгарскиот премиер Маѓар на социјалните мрежи објави: „Повторив дека Унгарија не поддржува забрзана постапка за пристапување за ниту една земја-кандидатка.“ Маѓар наведува дека ова го кажал во рамки на разговорите со Кошта за европските прашања, а изјавата ја пренесува и унгарската државна новинска агенција МТИ.

Мицкоски беше прашан и за евентуална истрага за унгарскиот кредит што го доби земјава во време додека премиер беше Виктор Орбан и притоа истакна дека тоа е внатрешна работа на Унгарија.

– Претпоставувам дека институциите на Унгарија ќе си ја завршат својата работа и ќе излезат со некакво соопштение поврзано со тој заем. ​И второто потпрашање – дали се плашам? Апсолутно не се плашам, затоа што сето тоа е дел од нашето стратешко партнерство, потврдено од двата парламента и двете влади. Средствата се потрошени на транспарентен начин. Изразувам благодарност до Унгарија која како наш стратешки партнер што во времето кога се боревме ја извадиме од банкрот државата поради долговите коишто ги наследивме од бандитската влада на СДСМ и ДУИ, беше прва која ни подаде рака – рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Поврзани содржини