СКОПЈЕ И 10 ГРАДА ДОБИВААТ 49 КОМУНАЛНИ ВОЗИЛА ВРЕДНИ 4,2 МИЛИОН ЕВРА Мултифункционалните камиони ќе го подигнат нивото на хигиената
Новите возила треба да ја подигнат комуналната хигиена, но и свеста за почиста животна средина. Премиерот повика на поголема одговорност кон градовите во кои живееме. Се работи за 9 мултифункционални камиони од различен тип, 9 цистерни и 21 мултифункционално возило.
Скопје и 10 града добиваат нови комунални возила набавени со проект на Светска Банка. На денешната промоција на возилата во Скопје премиерот Христијан Мицкоски истакна дека се работи за проект за подобра животна средина и хигиена и алатка со која општините подобро ќе се справуваат со сметот.
Мицкоски повика на поголема општествена одговорност за животната средина.
Се работи за 9 мултифункционални камиони од различен тип, 9 цистерни и 21 мултифункционалнo возилo за чистење на улиците вредни 4,2 милиони евра кои ќе бидат распределeни низ Скопје, Куманово, Прилеп, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и во Велес.
– Еден од проектите со коишто со коишто можеме исто така да се пофалиме е и овој проект денеска којшто го претставуваме за подобра животна средина, за поголема хигиена во нашите општини. Им честитам на сите оние коишто ќе добијат нова механизација, нови алатки да се справуваат со сметот. Повикувам и на општествена одговорност и на граѓанска одговорност, затоа што нашата животна средина, е наша животна средина и треба да си ја чуваме сите поддеднакво да бидеме одговорни кон неа, рече премиерот Мицкоски.
Според него, следниот чекор е испораката на автобусите коишто би требало многу скоро да почнат да се испорачуваат до општините за организирање на еколошки јавен градски превоз,истакнувајќи дека тука мисли на електричните автобуси.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека набавката на нови 49 комунални возила за општините ќе помогне за подигнување на нивото на хигиена што е исклучително значајно за подобрување на квалитетот на живот и урбаното живеење.
– Последните два повика беа исклучително добро направени, но имавме заштеда на средства, во тој момент беа 5,5 милиони евра. Се сретнавме со директорката на Светска банка и со нејзиниот тим — се сеќавате, претходната година, што се случуваше во Скопје со поранешниот градоначалник на градот и во едни такви услови разговаравме како е најдобро да се помогне и на Градот Скопје и на останатите општини – изјави Николоски.
Тој додава дека заштедата се однесува на фактот што набавката чинела 4,2 милиони евра, во однос на проценетите 5,5 милиони евра.
Градоначалникот на Скопје и прв човек на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски најави дека наскоро ќе бидат промовирани уште 5 камиони кои ги обезбеди град Скопје како и дека завршува рокот за жалби за набавката на 3.200 контејнери за Скопје.