ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ОБЈАВИ МЕРКИ ПРОТИВ ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО Ѓорѓиевски се надева дека ќе има што помалку такви случаи
Министерството за образование и наука и Град Скопје наскоро ќе ги презентираат мерките со кои ќе се намали и спречи врсничкото насилство меѓу децата и учениците, најава денеска скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
– Спремаме уште еден поголем сет мерки заедно во соработка со министерката за образование, Весна Јаневска, со која имаме одлична соработка, но и силна, силна поддршка во тој дел, така што во наредниот период ќе излеземе со цел сет мерки и ќе бидете сведоци на она што ќе го започнеме како процес, а ќе влијае. Убеден сум, на долг рок за што помалку случаи такви да имаме – изјави Ѓорѓиевски на новинарско прашање за сузбивање на врсничкото насилство откако 13-годишно момче беше прободено со нож и се бори за живот.
Тој истакна дека во процесот имаат вклучено и многу експерти и најави дека за Град Скопје скоро време ќе излезат со сериозна и јасна платформа. Експертските тимови ќе работат со учениците, но ќе работат и со родителите.
– Некогаш вината би рекол е кај дел од децата, но многу почесто е вината кај родителите, кои што за жал на таков начин дозволуваат да се однесуваат децата. Но, ќе дадеме сè од себе за да помогнеме во тој процес. Знаете дека јас како градоначалник на Скопје една од оние работи кои што ја направив изминатиов период е да нема телефони присутни на наставата во средните училишта – изјави Ѓорѓиевски, по промоцијата на новите возила за собирање комунален отпад.