🎥 АМЕРИКАНСКАТА ВОЈСКА ОБЕЗБЕДИ ПРЕМИН НА 40 БРОДА НИЗ ОРМУС Пренесена рекордна количина нафта
Во воената операција за заштита на бродовите танкерите превезоа 18 милиони барели нафта, што е рекорд од почетокот на војната со Иран. Пред војната низ Ормускиот теснец дневно поминуваа по 20 милиони барели нафта.
Американската војска во ризична операција во вторникот го обезбеди преминот низ Ормускиот Теснец за 40 комерцијални бродови со вкупно 18 милиони барели нафта. Ова е рекорден број бродови што поминале низ Ормус од почетокот на војната, а операцијата беше спроведена додека САД и Иран се напаѓаа меѓусебно, потврдија за Си-Ен-Ен двајца американски функционери запознаени со операциите.
Пред почетокот на војната на САД и Израел против Иран, околу 20 милиони барели нафта минуваа низ теснецот секој ден.
The U.S. Navy continues to strictly enforce the U.S. blockade against Iran. As of Sept. 2, U.S. forces have redirected 86 commercial vessels, disabled 3 and boarded 2 to ensure compliance. pic.twitter.com/y5ZbqkvVod
— U.S. Central Command (@CENTCOM) September 2, 2026
Официјалните лица велат дека САД користеле воздушни, поморски и вселенски средства за да ги уништат капацитетите на Иран за напад врз бродови. Американските сили истовремено одбиваа напади со беспилотни летала и спроведоа операција за придружба на бродовите што превезуваа милиони барели нафта. За време на операцијата, американските сили неутрализираа и крстосувачки ракети против бродови, рече еден од функционерите.
Овие потези се дел од промената во воената стратегија на САД, која сега е фокусирана на цели околу теснецот. Приоритет е да се придружува комерцијалниот бродски превоз низ клучниот воден пат и да се одржи поморската блокада на иранските пристаништа. Официјалните лица велат дека тоа е дел од стратегијата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „сеопфатен притисок“ , која има цел да го зголеми економскиот притисок врз раководството на Иран.
Иако операцијата беше успешна, официјалните лица не очекуваат брзо решавање на конфликтот. Енергетските компании остануваат претпазливи при испраќање бродови низ теснецот, дури и со воена придружба, поради високите ризици. Цените на енергијата остануваат високи и предизвикуваат нестабилност на глобалните пазари на обврзници.
Другите приоритети на претседателот Трамп, како што се операциите за уништување на делови од нуклеарната програма на Иран, во моментов се ставени настрана. Еден функционер повтори дека Централната команда на САД (CENTCOM) добила инструкции да ги фокусира сите ресурси на теснецот и да го спречи Иран да увезува и да извезува нафта.
Самиот Трамп неодамна посочи дека не е загрижен дека резервите на високо збогатен ураниум на Иран остануваат сокриени. Тие резерви не беа целосно уништени во минатогодишните напади на САД врз три клучни ирански нуклеарни објекти. Трамп сега има намера да ги следи со сателитски снимки, иако претходно изјавуваше дека обезбедувањето на материјалот е врвен приоритет во конфликтот.
Во согласност со новата стратегија, САД спроведоа сложена операција во Ормус во вторникот. Беа погодени речиси 60 воени цели околу теснецот, вклучувајќи позиции за воздушна одбрана, радарски системи, поморски средства, опрема за поставување мини и комуникациски центри. Во исто време, американските сили ги следеа бродовите, потврдија двајцата функционери.
Друг функционер вели дека американската војска очекува повеќе напади во близина на теснецот. Причината е што Иран покажа способност да ги обнови своите капацитети, што бара континуирана интервенција на САД. Овие операции се опишани како „косење трева“ или континуирано потиснување на новите закани со цел да се ослабне способноста на Иран да го загрози комерцијалниот бродски превоз.
Нападите се, исто така, клучен дел од пошироката воена стратегија насочена кон систематско намалување на способноста на Иран да го користи теснецот како средство за притисок.
Трамп во средата изјави дека најновите американски напади не биле насочени само кон радарските системи, туку имале поширока цел – да го спречат Иран да ги следи бродовите низ Ормускиот Теснец.
– Тие се обидуваа да ги следат бродовите. Веќе не можат да ги видат бидејќи немаат радар. Го уништивме, а синоќа уништивме и многу повеќе од радар – рече Трамп.
Тој не прецизираше што друго било цел на нападите. Сепак, повтори дека САД го контролираат теснецот и покажале способност истовремено да напаѓаат ирански цели на брегот и да ги бранат бродовите од напад. Дали овие воени операции на крајот ќе го принудат Иран да се предаде и колку време ќе потрае е отворено прашање.