„ЗА КЛЕВЕТИТЕ ЗА МАКФЕСТ ЗОРАН ВАНЕВ ЌЕ ПЛАТИ 100.000 ЕВРА!“ Роберт Саздов и Јован Јованов ја носат кавгата од Фејсбук пред Граѓански суд

Јованов јавно изнесе обвинувања дека ненаменски се трошеле пари на фестивалот Макфест, се лажирале гласови од телефонското гласање и се местеле државните субвенции.

0

Конфликтот меѓу музичарите Роберт Саздов, Јован Јованов и пејачот Зоран Ванев ќе се решава на суд, откако е поведена постапка за клевета и навреда со која се бара отштета од 6.200.000 денари (околу 100.000 евра).

Тужбата уследи по јавните обвинувања на Ванев за наводни финансиски малверзации и местење на фестивалот „Макфест“, кои одбраната на Саздов и Јованов ги отфрли како целосно неточни и мотивирани од лична одмазда бидејќи неговата песна била одбиена на конкурсот.






Во обвинувањата од страна на Зоран Ванев во објави на социјалните мрежи на 11 и 12 август тој изнесе сериозни тврдења на сметка на Саздов и Јованов според кои имало економски криминал и ненаменско трошење на парите на фестивалот, лажирање на гласовите од телефонското гласање и местење на државните субвенции.

Преку својот адвокат Јанаки Митровски, двајцата музичари поднесоа тужба за граѓанска одговорност и посочија дека наводите се целосно неточни и непоткрепени со ниту еден доказ и притоа објавуваат јавен демант.

,,Бидејќи овие невистинити наводи нанесуваат сериозна штета на честа и угледот на овие двајца реномирани и долгогодишно афирмирани музичари, како и значителна нематеријална штета, покренавме постапка за утврдување на граѓанска одговорност за клевета и навреда и надомест на штета поради нарушена чест и углед, со парично побарување од вкупно 6.200.000,00 денари“ – се вели во објавата на адвокатот Митровски.

Тој ги демантира сите наводи искажани во споменатите објави „како неточни, клеветнички и со јасна интенција да се наштети на реномето на признатите музички работници Робертино Саздов и Јован Јованов“.

„Јавноста треба да биде запознаена дека погореопишаните клеветнички наводи се искажани од ниски побуди и од одмаздничка природа, единствено поради фактот да песната на Зоран Ванев со која аплицирал за учество во познатиот фестивал МАКФЕСТ, била одбиена“ – се вели во објавата.

По најавите за тужба од 100.000 евра, Зоран Ванев јавно се огласи на Фејсбук со демант и правна опомена до инволвираните во раководството на „Макфест“. Ванев тврди дека неговата објава на социјалните мрежи била повик до надлежните институции за истрага, а не место каде што би ги објавувал доказите.
„Социјалните мрежи не се судница. Мојата објава имаше исклучиво функција на ‘свиркач’ и претставуваше отворен јавен повик до надлежните истражни органи конечно да ги отворат очите и да спроведат темелна истрага.“ – пишува Ванев.

Поврзани содржини