„РАПИД БИЛД“ ЌЕ ГО ГРАДИ ГАСОВОДОТ КОН СРБИЈА Инвестицијата е 29,4 милиони евра, а треба да биде готов во 2028 година
Македонскиот дел од интерконекторот ќе биде долг 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Почетната точка ќе биде кај блок-станицата „Клечовце“, а крајната точка ќе биде на границата со Србија, во близина на селото Сопот.
Договор за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија-Србија потпишаа денеска Недим Рама, директор на АД „Номагас“ и директорот на „Рапид Билд“ Тони Каранфиловски во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
– По спроведената постапка за доделување на договорот, за најповолна е избрана понудата на компанијата „Рапид Билд“, во вредност од 29,4 милиони евра. Станува збор за договор по принципот „клуч на рака“, според моделот FIDIC кој ги опфаќа урбанистичкото планирање, проектирањето, изградбата и обезбедувањето одобрение за употреба – изјави Рама по потпишувањето на договорот.
Македонскиот дел од интерконекторот ќе биде долг 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Почетната точка ќе биде кај блок-станицата „Клечовце“, а крајната точка ќе биде на границата со Србија, во близина на селото Сопот.
Во рамките на проектот ќе бидат изградени и пет придружни објекти: главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица и две приемно-отпремни чистачки станици.
Предвидениот технички капацитет на гасоводот изнесува до 160.000 кубни метри гас на час, со можност за двонасочни текови, а рокот за целосна реализација на проектот е четвртиот квартал од 2028 година.
Проектот е дел од поширокиот план Македонија да стане транзитна точка за природен гас од југ кон Србија и Централна Европа.
Македонија веќе работи на интерконекторот со Грција, преку кој домашниот гасоводен систем треба да добие пристап до ЛНГ-терминалот во Александропулис. Потоа, преку новата врска со Србија, гасот би можел да продолжи кон Централна Европа, вклучително и кон Унгарија и Австрија.