СРБИНКА И ХОЛАНЃАНЕЦ УАПСЕНИ ОТКАКО ШИБАЛЕ СО 170 НА ЧАС НИЗ МАКЕДОНИЈА Ќе одговараат за безобѕирно управување со моторно возило
Лишени од слобода се двајца возачи од Холандија и од Србија, кои на автопатот кај Демир Капија возеле со околу 170 км на час на место каде што е дозволено 80 км на час, соопшти полицијата.
На 26.08.2026 во 22:15 часот на граничниот премин Табановце, на излез од државата, полициски службеници извршиле проверка на патничко возило „мерцедес бенц“ со српски национални ознаки, управувано од 51-годишната И.М. од Србија.
При проверката преку системот „Безбеден град“ било констатирано дека И.М. била евидентирана како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“. Таа на автопатот А-1, во делот Демир Капија – Гевгелија, управувала со возилото со брзина од 168 километри на час на место каде максималната дозволена брзина е 80 километри на час.
На 27.08.2026 во 05:00 часот на истиот граничен премин бил констатиран прекршок од патничко возило „ауди“ со холандски национални ознаки, управувано од А.А.(32) од Холандија. Тој е евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, односно на автопатот А-1, во близина на Демир Капија, управувал со возилото со брзина од 177 километри на час на место каде максималната дозволена брзина е 80 километри на час.