ЗА 35 ПРОЦЕНТИ ПОМАЛКУ ЖРТВИ НА ПАТИШТАТА Стратегијата за безбедност доби поддршка од Комисијата
До 27 август годинава загинале 59 лица, а целта до 2030 година е бројот на жртви да се преполови.
До 27 август годинава, на патиштата во државата загинале 59 лица, што е за повеќе од 35 проценти помалку во споредба со истиот период лани, кога биле евидентирани 96 жртви. Во текот на целата 2025 година, во сообраќајни незгоди загинале 132 лица, додека во 2024 година животот го загубиле 142 лица.
Овие податоци ги изнесе министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, каде што ја образложи Предлог-националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030. Комисијата го проследи документот на понатамошна пленарна постапка.
Тошковски посочи дека Македонија и натаму има речиси двојно повисока стапка на смртност во сообраќајот од европскиот просек. Во Европската Унија таа изнесува околу 43 до 44 жртви на еден милион жители, додека во земјава се движи меѓу 78 и 80 жртви на милион жители.
Според министерот, главната цел на стратегијата е спасување човечки животи.
– Стратегијата е изготвена врз основа на светската рамка кон која се стреми секоја европска држава, а тоа се „Vision Zero“ и „Safe System“. Тоа е рамка чија цел е до крајот на 2050 година да имаме нула жртви како последица на непочитување на сообраќајните правила – порача Тошковски.
Пред членовите на Комисијата, министерот нагласи дека документот предвидува до 2030 година бројот на сообраќајни незгоди да се намали за 50 проценти во однос на 2024 година – од околу 8.500 на приближно 4.250 незгоди.
Целта е и бројот на загинати лица да се преполови, од 142 на 71, а бројот на тешко повредени да се намали од околу 1.100 на 550 лица.
Стратегијата предвидува и зголемување на употребата на сигурносни појаси и заштитни шлемови на над 90 проценти.
Според предложената стратегија за периодот 2026-2030 година, меѓу клучните приоритети се подобрувањето на управувањето со безбедноста во сообраќајот, развојот на побезбедна патна инфраструктура, зајакнувањето на безбедноста на возилата, унапредувањето на сообраќајната култура и едукацијата, како и подобрувањето на системот за итна помош по сообраќајни незгоди.
Документот е заснован на принципот „Секој живот е важен“ и предвидува примена на концептот „Безбеден систем“, со поголема институционална координација, употреба на современи технологии и засилени превентивни и контролни мерки.
Предлог-стратегијата предвидува и воспоставување национален систем за интелигентен мониторинг и управување со сообраќајот, редовни безбедносни ревизии на патиштата, унапредување на техничката исправност на возилата и континуирана едукација на сите учесници во сообраќајот.
По расправата, Комисијата за одбрана и безбедност го утврди текстот на Предлог-стратегијата и го проследи на натамошно разгледување на пленарна седница.