ГРЦИТЕ „МОЛЗАТ“ ЕВРОПСКИ СУБВЕНЦИИ ЗА ИЗМИСЛЕНИ КРАВИ Голема злоупотреба на европските фондови

Според доделените субвенции, бројот на крави во земјата би требало да се зголемува од година во година, но наместо тоа добиточниот фонд се намалува: од околу 640.000 во 2023, на 600.000 во 2024 и на 520.000 во 2025 година.

94

Грчките фармери во 2024 година побарале и добиле европски субвенции за десетици илјади повеќе животни отколку што покажуваат официјалните национални евиденции. Ова е заклучокот од анализата на „Политико“ врз основа на владини податоци, која дополнително ги проширува размерите на грчкиот скандал со земјоделските субвенции.

Податоците од Министерството за земјоделство покажуваат дека властите исплатиле субвенции за околу 260.000 млечни крави. Бидејќи една млечна крава обично дава по едно теле годишно, тоа би требало да додаде приближно ист број телиња во националното стадо. Дополнително, околу 70.000 говеда биле заклани за месо – исто така субвенционирано.






Грција не објавува целосни податоци за животни што се отстрануваат поради старост, намалена продуктивност или болест. Според проценки на тројца грчки сточари, таквите отстранувања изнесуваат околу 20 проценти од стадото годишно. Со околу 600.000 говеда во 2024 година (според статистичката агенција ELSTAT), тоа би значело намалување од околу 120.000 животни.

Кога се комбинираат овие бројки со податоците за субвенции, националното стадо би требало да порасне за приближно 70.000 животни. Наместо тоа, ELSTAT покажува постојано намалување: од околу 640.000 во 2023, на 600.000 во 2024 и на 520.000 во 2025 година.

Разликата може да биде уште поголема, предупредува Никос Димопулос, претседател на Здружението на сточари од Кавала. Дел од закланите животни можеби биле увезени, а не од националното стадо. Грција е нето-увозник на живи говеда.

– Нема надзор и не можеме да имаме точна бројка бидејќи нема точни податоци. Властите вршат само случајни проверки или истражуваат по жалба. Додека не направиме национален попис на добитокот за да видиме што навистина имаме, нема да имаме јасна слика – вели Димопулос.

Слични несовпаѓања постојат и кај овците и козите. ELSTAT пријавува околу 8,8 милиони животни во 2025 година, додека во официјалниот ветеринарен систем се регистрирани околу 15,7 милиони.

Експертите посочуваат дека земјата нема сигурен и веродостоен регистар врз кој би се засновале исплатите на субвенции. Министерството за земјоделство не води евиденција за добитокот, туку се потпира на податоци од општините.

Левичариската партија Елас на поранешниот премиер Алексис Ципрас веќе поднела пријави до Европското јавно обвинителство (EPPO) поради овие разлики. EPPO во моментов води десетици случаи поврзани со субвенции за пасишта што не биле во сопственост или наем на барателите, како и за работа што не била извршена. Во јули обвинителството подигна обвиненија против 22 лица, меѓу кои и четворица пратеници од владејачката партија Нова демократија. Судењата за пратениците започнуваат во октомври. Сите ги негираат обвиненијата.

Според истрагата, ветеринари и функционери од државната агенција за распределба на европските субвенции наводно учествувале во надувување на евиденцијата за добиток.

Владата воведе нови контроли, вклучувајќи електронска идентификација на овци и кози со капсули во желудник. Системот треба да се тестира оваа година на фарми со повеќе од 900 животни. Европската комисија најави дека ќе соработува со Грција за подобрување на управувањето со земјоделските субвенции. Според комесарот за земјоделство Кристоф Хансен, Грција има извесен напредок, но има уште многу работа на тој план.

Поврзани содржини