НАД 12 МИЛИОНИ ЕВРА ВЛАДИНИ ПАРИ ЗА ПРИЛЕП Мицкоски вели дека инвестициите треба да го подобрат животот на граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека во Прилеп преку владината програма за децентрализација на средства се финансираат проекти вредни повеќе од 12 милиони евра.

32

Повеќе од 12 милиони евра се проектите што Владата ги финансира во Прилеп преку програмата за децентрализација на средства од централниот буџет кон општините, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски посочи дека програмата опфаќа повеќе од 1.200 градилишта во општините низ државата, оценувајќи дека проектите треба да придонесат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.






– Овие проекти се многу значајни за сите општини во Македонија. Ова што го кажа градоначалникот на Прилеп, но и потпретседателот на Владата и министер за транспорт, дека со овие проекти додаваме вредност и го зголемуваме квалитетот на живот, е вистина – рече Мицкоски.

Тој додаде дека за Прилеп преку оваа програма се издвојуваат повеќе од 12 милиони евра, а на овие средства треба да се додадат и инвестициите што ги обезбедува самата Општина Прилеп, како и средствата од други владини програми и министерства.

– Тогаш доаѓаме до една огромна бројка и огромна бројка на проекти коишто ќе имаат за задача да го подобрат квалитетот на живот во Прилеп – изјави премиерот.

Мицкоски им се заблагодари на градоначалникот на Прилеп, советниците и пратениците од овој град за, како што рече, нивниот ангажман околу реализацијата на проектите.

Тој упати благодарност и до министрите и другите институции кои учествуваат во реализацијата на инвестициите.

– Нашата цел како Влада уште на самиот почеток беше да испорачаме што е можно повеќе проекти во рамките на нашите можности со коишто ќе го подобриме онолку колку што можеме квалитетот на живот на нашите сограѓани – рече Мицкоски.

Премиерот порача дека проектите треба да се реализираат во предвидените рокови и да бидат ставени во функција за граѓаните.

– Би посакал да се движиме во рамките на роковите коишто се зададени за да овие проекти бидат пуштени во употреба и ја имаат својата полна намена – додаде Мицкоски.

Поврзани содржини