„СЕКОЈ ЛИТАР МОРА ДА ИМА ОПРАВДУВАЊЕ“ Ѓорѓиевски најави целосна контрола на службените возила

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека службеното возило кое го користеле претходните градоначалници е ставено на располагање на Градот, додека тој користи сопствен автомобил и сам го плаќа горивото.

117

Сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со GPS уреди и се следат преку мониторинг центар, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека целта е поголема контрола врз јавните средства и спречување на непотребни трошоци и злоупотреби.

Ѓорѓиевски на Фејсбук посочи дека системот овозможува во реално време да се следи каде се наоѓа секое службено возило, по која маршрута се движи, со која брзина и колку време е во движење.






Дополнително, како што наведува градоначалникот, со специјални сонди се следи и нивото на горивото, со што треба да се откриваат нелогични трошоци и да се оптимизира користењето на возилата.

– Секое возило, секој километар и секој литар гориво мора да има оправдување – порача Ѓорѓиевски.

Тој вели дека контролата треба да започне од највисокото раководство.

– Јас користам сопствено возило и горивото го плаќам од сопствениот буџет. Службеното возило кое во минатото го користеле градоначалниците е ставено на располагање за потребите на градот – објави Ѓорѓиевски.

Како пример за ефектите од, како што го нарекува, домаќинското работење, градоначалникот ја посочува работата на ЈСП Скопје.

Според податоците што ги објави, ЈСП во првите шест месеци годинава бележи заштеда од околу половина милион евра за гориво во споредба со истиот период минатата година, иако во меѓувреме биле дополнително вклучени 50 возила.

Ѓорѓиевски вели дека ова е само еден дел од мерките за рационално користење на јавните средства.

– Секој денар што ќе го спасиме од непотребно трошење е денар повеќе за улици, паркови, јавен превоз, училишта, култура и подобар живот за скопјани – порача градоначалникот.

Од Град Скопје, пак, ја споделија информацијата и посочија дека GPS-системот овозможува целосен мониторинг на службените возила, вклучително и на нивната маршрута, брзина, времето на движење и потрошувачката на гориво.

Од Градот нагласуваат дека целта на мерката е воведување поголем ред и контрола во користењето на возниот парк и јавните средства.

Ѓорѓиевски порача дека принципот на кој ќе се темели работењето е дека градскиот буџет им припаѓа на граѓаните.

– Скопје мора да биде пример како се управува со јавни пари – порача градоначалникот.

Поврзани содржини