📽️ ТУРИСТИТЕ НЕ МОЖАТ ДА СТИГНАТ ДО ВОДАТА Вака изгледа најпосетената плажа во светот

Плажата Дамеиша во Шенжен е долга само 1,8 километри, а во шпицот на сезоната на неа истовремено престојуваат и до 200.000 луѓе. Поради огромните гужви, властите вовеле задолжителни резервации и дневно ограничување на бројот на посетители.

529

Плажата Дамеиша во Шенжен, Кина, се смета за една од најпосетените плажи во светот. Песочната плажа е долга само 1,8 километри, но во шпицот на сезоната на неа истовремено престојуваат и до 200.000 луѓе, пишува „Одити сентрал“.

За време на летните викенди, плажата е преполна со капачи, а дел од туристите велат дека едвај успеваат да стигнат до морето. Поради ограничениот простор, луѓето се натрупани едни до други, а од пешкири и чадори на места речиси и не се гледа песокот.






Ситуацијата е уште потешка за време на топлите денови, кога побарувачката за место на плажата значително се зголемува.

За да се избегне пренатрупаноста, властите во Шенжен вовеле задолжителен систем за резервации и го ограничиле пристапот на 80.000 посетители дневно во периодот од мај до октомври.

Влезот на плажата е бесплатен, а до неа лесно се стигнува со јавен превоз. Во непосредна близина има неколку автобуски линии и метро-станица, што ја прави Дамеиша исклучително популарна и меѓу локалното население и меѓу туристите.

И покрај големите гужви и негативните коментари на интернет, Дамеиша продолжува да привлекува огромен број посетители секое лето.

Фотографиите од преполната плажа често стануваат вирални на интернет, додека мислењата на туристите се поделени.

Некои посетители се жалат дека поради гужвата не успеале ниту да стигнат до самата вода, додека други сметаат дека популарноста на местото е дел од неговата привлечност.

Дамеиша е дел од крајбрежна туристичка зона во Шенжен, каде што посетителите можат да најдат и други атракции, ресторани и места за забава.

Во близина се наоѓа и Сјаомеи­ша, уште една позната плажа во градот. Заедно, двете плажи го прават овој дел од Шенжен една од популарните дестинации за оние кои сакаат да избегаат од градската гужва и да поминат време покрај морето.

Поврзани содржини