ПРОДОЛЖУВА СИЛНИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ БРАН Турска и германска компанија влегуваат во високите технологии
Турска и германска компанија најавиле вложувања од околу 80 милиони евра, а нови инвестиции веќе се реализираат во Тетово, Скопје и во Кичево, посочува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение тврдејќи дека Владата активно работи да обезбеди долгорочен економски раст во земјата. Преговорите се завршени и со уште три странски компании.
Турска и германска високотехнолошка компанија потврдиле инвестиции од околу 80 милиони евра, со потенцијал за 1.000 нови работни места. Истовремено, „Џаво Отомотив“ планира 21 милион евра во Тетово, додека „Чагатај Кабло“ гради фабрика во Скопје вредна околу 6 милиони евра.
Ова се дел од информациите истакнати во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата вели дека продолжува циклусот инвестиции, нови фабрики и нови работни места во државата, како дел од активната работа на Владата да обезбеди долгорочен економски раст.
„Во ТИРЗ Тетово следува реализацијата на инвестицијата на ‘Џаво Отомотив”, мултинационална компанија со повеќе од 40 години искуство во автомобилската индустрија. Компанијата планира вложување од околу 21 милион евра во периодот до 2030 година, со потенцијал за отворање од 400 до 500 нови работни места и годишен извоз од околу 45 милиони евра.
Во ТИРЗ Скопје 1 веќе започна изградбата на фабриката на ‘Чагатај Кабло’, која е инвестиција вредна околу 6 милиони евра и производствениот капацитет од 10.000 квадратни метри треба да овозможи до 200 нови вработувања.
Кичево, исто така, станува центар за нови и технолошки напредни инвестиции, така што тука започна изградбата на фабриката на белгиската ‘Avesta Battery and Energy Engineering’, наменета за производство на електронски батерии за автомобили.
Инвестицискиот интерес се проширува и во други високотехнолошки сектори, така што во земјава се реализираат и проекти на ‘Епсотех’ за развојно-истражувачки центар и на американскиот ‘Вебтек’ за производство на сопирачки за шински возила.
Особено важно е што интересот за инвестирање веќе не е ограничен само на автомобилската индустрија. Турска и германска компанија од секторот на високите технологии потврдија инвестиции од вкупно околу 80 милиони евра, со потенцијал за околу 1.000 нови работни места и заеднички извоз од над 200 милиони евра.
Дополнително, завршени се преговорите со три странски компании кои планираат да отворат фабрики во Македонија во автомобилската, високотехнолошката и фармацевтската индустрија, а паралелно разговара и со уште околу десет компании од различни сектори.
Нов инвестициски импулс се очекува и во телекомуникациите. ‘4iG’, која ја доби дозволата за трет мобилен оператор планира да вложи повеќе од 100 милиони евра во развојот на новиот оператор, со што ќе се зголеми конкуренцијата, и за граѓаните ќе се овозможат нови услуги и повеќе можности.
Сите овие проекти се потврда дека Македонија станува сè поатрактивна за инвеститорите и дека економијата се движи кон поголема диверзификација, современо производство и сектори со висока додадена вредност.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи со домашните и странските компании и да создава услови Македонија да биде конкурентна и посакувана дестинација за нови инвестиции“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.