ФЕКАЛНА КАНАЛИЗАЦИЈА ЌЕ ДОБИЈАТ НАСЕЛЕНИТЕ МЕСТА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ И ЧУКУР МААЛО Се гради мрежа долга 1.478 метри

Вредноста на договорот изнесува околу 50 милиони денари, а средствата се обезбедени од вториот јавен повик на Владата.

200

Премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од ​министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа и од градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска изврши увид во градежните активности од првата фаза од изградбата на фекална канализација во населеното место Идризово, Општина Гази Баба.

Со проектот е предвидена изградба на нова мрежа за фекална канализација во должина од 1.478 метри. Вредноста на договорот изнесува околу 50 милиони денари, а средствата се обезбедени од вториот јавен повик на Владата.






Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски истакна дека досега општината има изградено 36 километри нова мрежа на фекална канализација во населените места Смилковци, Црешево, Страчинци и неколку фази во Јурумлери и Гоце Делчев.

– Од првиот ден на мојот мандат работиме интензивно на решавање на децениските проблеми во повеќе населени места. Она што со радост сакам да го соопштам е дека преку Владата обезбедивме средства и за изградба на последната фаза од фекалната канализација во Јурумлери и за неколку недели од денес започнуваме со реализација на тој проект. Заедно во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање, во постапка е избор на економски оператор којшто ќе ја реализира последната фаза од изградбата на фекална канализација за населените места Гоце Делчев и Чукур маало, Трубарево – рече градоначалникот на Гази Баба.

Потенцира дека како општина се претвориле во големо градилиште: се гради ново училиште, се прошируваат две нови основни училишта, се градат нови две детски градинки, се градат нови спортски сали, се асфалтираат улици, се градат фекални канализациони мрежи и најави дека така ќе продолжат и во наредниот период со цел да се обезбеди подобар животен стандард на сите наши сограѓани.

Министерот Хоџа нагласи дека ​овој проект е од исклучително значење за жителите на оваа населба, а исто така и за животната средина во околината.

– ​За реализација на овој проект, се обезбедени околу 50 милиони денари, средства кои се обезбедени од вториот повик на Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на Република Северна Македонија, вложува или инвестира во системски решенија кои трајно ќе ги решаваат проблемите на граѓаните – рече Хоџа.

Премиерот Мицкоски истакна дека овој сложен проект како Влада одлучиле да биде еден од приоритетите со коишто ќе се гради Македонија како држава, а граѓаните ќе добијат подобри услови за живот.

​- А сите овие проекти кога ќе ја добијат својата форма онака како што се замислени, тогаш сигурен сум дека ќе имаме и голема додадена вредност врз квалитетот на животот на сите граѓани – рече Мицкоски.

Поврзани содржини