📽️ ЗИЗУ Е НОВ СЕЛЕКТОР НА „ТРИКОЛОРИТЕ“ Зидан е новото лице на француската репрезентација
Француската фудбалска федерација официјално го назначи Зинедин Зидан за нов селектор, а легендарниот Французин порача дека има големи амбиции и верува во нови трофеи за „триколорите“.
Легендарниот Зинедин Зидан и официјално е нов селектор на фудбалската репрезентација на Франција, откако денеска Француската фудбалска федерација ја потврди неговата промоција.
Зидан на селекторската функција го наследува Дидие Дешан, кој ја предводеше француската репрезентација цели 14 години и во тој период ја освои светската титула во 2018 година, стигна до финалето на Светското првенство во 2022 година и ја одведе Франција до титулата во Лигата на нации.
Еден од најголемите фудбалери во историјата сега ќе има задача повторно да ја искачи Франција на врвот на светскиот и европскиот фудбал.
– Честопати сум кажувал дека нема ништо поголемо од француската репрезентација. Огромна чест, радост и гордост е да станам селектор на Франција. Во исто време, тоа е и голема одговорност. Сакам да му се заблагодарам на претседателот Филип Дијало, на Извршниот комитет и на Француската фудбалска федерација за довербата што ми ја укажаа. Посебна благодарност заслужуваат и Дидие Дешан и неговиот стручен штаб за сè што направија во изминатите 14 години. Денеска се сеќавам и на сите мои тренери кои имаа влијание врз мојата кариера. Имам големи амбиции и верувам дека оваа репрезентација има потенцијал да продолжи да освојува трофеи – изјави Зидан по официјалната промоција.
𝗭𝗜𝗡𝗘𝗗𝗜𝗡𝗘 𝗭𝗜𝗗𝗔𝗡𝗘, 𝗡𝗢𝗨𝗩𝗘𝗔𝗨 𝗦𝗘́𝗟𝗘𝗖𝗧𝗜𝗢𝗡𝗡𝗘𝗨𝗥 𝗗𝗘 𝗟’𝗘𝗤𝗨𝗜𝗣𝗘 𝗗𝗘 𝗙𝗥𝗔𝗡𝗖𝗘 🐓🇫🇷 pic.twitter.com/5ocGyYETNm
— Equipe de France ⭐⭐ (@equipedefrance) July 28, 2026
Името на Зидан со години се споменуваше како прв кандидат за селекторската функција, а по заминувањето на Дешан конечно ја доби можноста да седне на клупата на националниот тим. Како тренер, Зидан испиша историја со Реал Мадрид, освојувајќи три последователни титули во Лигата на шампионите, две титули во Ла Лига и бројни други трофеи.